Зоран Заев е исплашен човек, кој се обидува на секој можен начин да влијае врз истрагата во случајот со рекетарскиот октопод за да спречи да се дознае вистината дека главата на криминалот не е ниту Боки 13, ниту Катица Јанева туку единствено врвот на неговата власт. Затоа Заев по секоја цена сака да влијае врз обвинителството и судските органи со цел оваа истрага да се забошоти и да се заборави. Доколку власта Заев беше чиста немаше да контактира со адвокати на обвинетата Катица Јанева и немаше пророчки да предвидува дека притворот на Катица Јанева ќе биде укинат, истакна на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.

Веќе сите во јавноста видоа дека истрагата е крајно искомпромитирана и се води непрофесионално од страна на Русковска и обвинителството. Најпрвин од петни жили се обидуваа таа да остане ограничена само на Боки 13 и Зоки Кичеец, па откако излегоа материјали во странски медиум за вмешаноста на Катица Јанева, со тешко срце мораа истрагата да ја прошират и кон нејзе.

Во меѓувреме Јанева имаше време и можност да брише докази, да влијае врз сведоци, да форматира телефони и форензички да брише компјутери во СЈО со секакви докази кои што можеби постоеле. Сега гледаме дека случајот повторно тапка во место, а Јанева од притвор во крајно сомнителни услови испраќа писма и наредби кои Јавниот Обвинител Јовески беспоговорно ги прифаќа. Замислете тој што треба да го гони осомничениот криминалец, прима наредби и постапува по барањето на криминалецот. Тоа го има само во правната држава на Зоран Заев, вели Арсовски.

Како што додава тој, за да биде уште посомнително, првообвинетиот Боки 13 се уште нема дадено исказ, ама затоа десет пати отиде во болница.

Дали во болниците се влијаело или се вршело притисок врз него да не ја открива целата мрежа на рекетарскиот октопод, за на тој начин да не се дознае за инволвираноста на рекетарските ликови Фрики, Кики, Шеки, Баки и останатите треба да каже Вилма Русковска. Очигледно дека обвинителството на Русковска нешто крие и се обидува со правна гимнастика да спаси повисоки владини функционери без кои милионските рекети немало да се случат, додава портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.