Поради ширењето на заразата со коронавирус, австралиската држава Викторија, со главен град Мелбурн, денеска прогласи петдневен карантин, приклучувајќи му се на Сиднеј, кој се бори со многу заразната делта варијанта на вирусот.
Од полноќ, државата со 6,6 милиони луѓе воведе мерка за престој дома, а излегувањето е можно само за купување, вакцинирање и деловно работење од клучно значење. Ова е петти карантин во Мелбурн од почетокот на пандемијата пред година и пол. Истата мерка е на сила во Сиднеј, па сега речиси половина од 25-те милиони жители на Австралија се под строги ограничувачки мерки.
Премиерот на Викторија Даниел Ендрус на прес-конференција рече дека не треба да се чека, а петдневното затворање е подобро отколку да се создадат услови за петнеделна или петмесечна блокада подоцна.
По две недели без ниту еден нов случај на зараза, државата Викторија во последните два дена забележа 18 нови случаи, што ги вознемири властите, кои предупредуваат дека делтата варијанта на вирусот се шири многу брзо. Една третина од минатата година Мелбурн ја помина под строги епидемиолошки мерки, вклучително и полициски час.
Од почетокот на пандемијата, во Австралија се пријавени нешто повеќе од 31.400 случаи на зараза, а 912 лица починале. Само 12 проценти од возрасните Австралијци се вакцинирани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.