Премиерот Зоран Заев во емисијата „Отворено” на ТВ 24 изјави дека врз основа на сите информации што ги има, постои основа за сомневање дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е вмешан во бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Бегството на Груевски било помогнато однадвор, но со оглед на тоа што тој бил премиер долг временски период имал доволно луѓе да му помогнат и одвнатре.
Заев рече дека Мицкоски имал средби и со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, и со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, но по средбите не објавил за што зборувал и додаде дека тој не може да тврди дека на тие средби можеби се разговарало нешто за бегството на Груевски, но и дека врз основа на информациите со кои располага има основа за такво сомнвеање.
Премиерот не сакаше да говори за детали од истрагата за тоа каде е одговорноста за бегството на поранешниот премиер, но рече дека не верува оти Мицкоски ќе биде вклучен во истрагата.
Заев потврди дека се сомневал оти Груевски ќе побегне, дека имало такви индиции, но дека немало конкретни информации како сето тоа би се случило.
Имам потреба да кажам и повеќе, ама не смеам затоа што истрагата се уште трае. Не е номално што тој побегна од државата, но ќе видиме кој е виновен, ако има некој истрагата ќе покаже и тој ќе си понесе одговорност, рече Заев.
Тој смета дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не е одговорен за бегството на Груевски, нагласувајќи дека ефектите од неговата работа се големи и додаде дека МВР дејствувало согласно сопствените капацитети, но сепак и на начин на кој нема да ги прекрши човековите права.
Најави дека власта ќе се бори со сите алатки да го врати, додавајќи дека се уште нема одговор на барањето за екстрадиција од Унгарија.
Ќе чекаме и ќе бараме начин тоа да се спроведе, а при тоа да не го нарушиме пријателството, Унгарија треба да гласа за протоколот за членство во НАТО, изјави Заев и додаде дека со Орбан нема да бара специјална средба за Груевски, но оти следуваатмеѓународни конференции на кои ќе има можност да се види со унгарскиот премиер и да ја отвори оваа тема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.