На почетокот на февруари, односно на 2 или 3 февруари претседателот на Парламентот Талат Џафери ќе ги распише претседателските избори, и ако сѐ оди според Уставот, изборите треба да се одржат од 2 март до 2 мај идната година. Во Уставот пишува дека изборот на претседател на државата се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател, а уверението за претседател на државата на актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов Државната изборна комисија му го врачи на 2 мај 2014 та.

Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои било причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

Џафери на денешниот брифинг со новинарите рече дека тој самиот нема намера да се кандидира за претседател и останува претседател на Собранието.

Што се однесува до идејата претседател на државата да се избира во Парламентот, според Џафери, за да се реализира потребни се дополнителни уставни измени

„Политичките партии размислуваат и ги кажуваат ставовите, но тоа подразбира нова постапка за уставни измени. За да се реализира таа идеја треба да се менува Уставот. Засега останува уставното решение според кое претседателот се избира директно. Јас сум претседател на Собранието и нема потреба да размислувам за таа идеја“, рече Џафери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.