Усвојувањето на Законот за јазиците се одвиваше дивјачки, насилнички, надвор од стандардите за демократска земја која се стреми да биде дел од европското семејство. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порачува дека најголемата опозициска партија не е против примена на јазиците на етничките заедници, но дека тоа мора да биде направено во процедура во која ќе бидат почитувани и Уставот и законите. Токму затоа, објасни, поднеле кривична пријава против учесниците во „ова злодело против Уставот и законите“.

Ние како политичка партија вчера поднесовме кривични пријави против луѓето кои се соучесници во ова злодело и насилство врз Уставот и законите, и парламентарните процедури. За жал се случи професорот Јове Кекеноски поднесе претставка пред Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за јазиците, рече Мицкоски.

Опозицискиот лидер истакна дека всушност СДСМ и ДУИ тргуваат со гласовите на втората најголема етничка заедница во земјата пред претседателските избори, што е неприфатливо, додавајќи дека овој Закон доколку се суди согласно правото во Македонија, треба да биде отфрлен.

Доколку постапуваат согласно законите, судиите знаат како треба да донесат одлука. Да се воздржат од било какви притисоци на политичките елити и да донесат одлука согласно правото, Уставот и законите, рече Мицкоски.

Инаку вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи денеска оддржа координативен состанок, за, како што е соопштено следење и известување за текот на имплементацијата на Законот за употреба на јазиците, јавува ТВ Алфа. За координацијата, на која беа присутни само функционери Албанци, телевизијата не била соодветно известена, па се чини дека за истата знаеле само одбрани медиуми чија уредувачка политика е по мера на вицепремиерот. Според известувањето од средбата, Планот за имплементација на Законот за употребата на јазици се очекува да биде разгледан на првата наредна владина седница, а Османи рече дека не е толку важно колку ќе чини имплементацијата на Законот, туку главно е дека без разлика на цената, државата ќе треба да им го гарантира ова како рече, „фундаменталното права на граѓаните да се обраќаат на мајчиниот јазик“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.