И покрај најавите и ветувањата од Владата, сериозни промени во медиумската сфера во Македонија нема. Според годишниот извештај на Здружението на новинари, во делот на законската медиумска легислатива во 2018 година, не само што нема подобрување туку има и одредено назадување. А не е добра ниту позицијата на новинарите во редакциите, најголем дел од нив работат со плата пониска од просечната.
-Владата не успеа да ја подобри медиумската регулатива што беше долго време најавена. Измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми, кои требаше да создадат подобар амбиент за работата на медиумите не е усвоен се уште во Собранието на РМ, изјави Драган Секуловски.
Од ЗНМ оценуваат дека Владата не успеала да ги заврши останатите медиумски законски процеси кои биле ветени во реформскиот план 3-6-9 и побараа реформите за медиуми да бидат ставени во владиниот план 18, порачувајќи дека без нив нема услови за евроинтеграција на државата. Од таму упатија сериозна критика и за измените и надополнувањата на изборниот законик и Законот за политички партии, кои Владата во текот на летото ги усвои без никаква дебата.
-Во текот на летните одмори, во јули месец без никаква дебата и целосно нетранспарентно, Владата ги усвои измените и надополнувањата на изборниот законик и Законот за политички партии. Овие измени овозможуваат парламентарните партии да трошат јавни пари за финансирање на медиумска политичка пропаганда за време на избори и за време на изборна кампања како што беше на референдумот. Ваквите измени ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите, изјави Секуловски.
Здружението на новинари на Македонија упати и критика околу судската пракса за оценка на законот за клевета и навреда, велејќи дека различни судови различно постапуваат, што според нив претставува селективна правда. Индикаторите врз кои се прави овој годишен извештај на ЗНМ се правната рамка на слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите. Токму единствена позитивна страна има во последниот сегмент, каде нападите на медиумските работници се намалени за три пати, но сепак има само две пресуди за напаѓачи од вкупно 59 напади.
Преземено од Алфа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.