Кој реално ја покрена амнестијата? Дали навистина лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, 90 отсто од времето на лидерските средби го трошел за преговори за амнестирање на обвинетите за 27 април, или пак тоа е предлог на власта за да ги протне уставните измени?! Додека тие го обвинуваа Мицкоски дека не го интересира името и идентитетот, туку бара начин да ги спаси своите сопартијци, премиерот Зоран Заев синоќа со поинаква изјава. Тој дека е точно оти Законот за амнестија е донесен делумно и со цел за да успее процесот на уставните измени, но и за помирување кое ѝ било потребно на државата, и покрај тоа што е свесен дека веројатно ќе плати политичка цена за тој потег.

Очекувам дека за овие одлуки јас ќе ја платам политичката цена. Под политичка цена мислам на избори. Граѓаните кажуваат и оценуваат на избори. Да, точно е дека амнестијата ја правиме и за процесот на уставните измени. Со профилот на законот се амнестираат пратениците и уметниците. Дурловски, влезе и ја пееше химната. Тој треба да се суди на 20 години затвор? Но, законот е и за да се постигне помирување, рече Заев.

Наспроти ова вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Канал 5 телевизија во август годинава изјави:

Одговорно тврдам и барам јавно да ме демантираат дека 90 проценти од времето на лидерските средби беше потрошено на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија.

Таа појасни дека барањето не било преку чин на амнестија, туку преку измена на членот 353 од Кривичниот законик, кој ја дефинира злоупотребата на службена должност, а потоа и еден мал обид тоа да се направи и преку измена во Законот за финансирање на политичките партии.

Единствениот интерес кој го имаа на таа маса беше да се промени Кривичниот законик за да паднат во вода клучните обвиненија кон првите луѓе од поранешното раководство во ВМРО-ДПМНЕ. Ние рековме дека со тоа не согласуваме, и дека нема да дозволиме заради референдумот да бидеме уценети со амнестија – изјави Шекеринска.

Кога ВМРО-ДПМНЕ требаше да одлучи, продолжи таа, дали повеќе да мислат на државата или на поранешната врхушка, тие го избраа второто.

Очекуваме секој од членовите на Парламентот да донесе одлука која е добра за државата. Членот 353, нема што да го дискутираме ако ВМРО-ДПМНЕ не бараше амнестија. Таков тип на уцени се лоши за ВМРО-ДПМНЕ, таков тип на уцени се лоши за СДСМ, но таков тип на уцени се катастрофа за оваа држава – рече Шекеринска во август годинава.

Мицкоски беше дециден во ставовите. По лидерската средба, на 23-ти јули 2018 година тој рече дека никогаш не било разговарано за измени на членот 353.

Тоа беше еден обид да се сврти вниманието на јавноста од реалните теми, од штетниот договор потпишан со нашиот јужен сосед Грција, но и од оние реални теми кои ни се случуваат во последно време, а сведоци сме и јавноста е сведок на сите оние потенцијални коруптивни дејанија во делот на доделување на тендери на човек – фирма од неколку десетици милионски тендери, потоа тука се оние средства кои што ги додели Фондот за технолошки развој на компании кои што се директно поврзани или блиски до владејачкото мнозинство. Сите тие злоупотреби можеме да ги сведеме на знак равенство дека во догледно време, многу брзо одговорните лица, министрите ќе бидат теретени по истиот тој член 353 од Кривичниот законик поради злоупотреба на должноста. Ние ниту сме разговарале, ниту сме имале намера по таа тема. Тоа што разговаравме е ова што ѝ го кажав на јавноста. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, нашите услови во делот на финансирање на политичките партии, во делот на формирањето на пржинскиот концепт на формирање на техничка влада и враќањето назад на процедурата за измена на Изборниот законик, а во насока на носење на составот на Државната изборна комисија се постигнати, а тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи на формирање на Државната изборна комисија која што всушност е испразнета поради оставките кои порано ги дадоа членовите на изборната комисија, рече тогаш Мицкоски.

На 12-ти септември, пак, годинава, Мицкоски говореше за членот 353.

Тој член 353 став 5 допрва ќе донесе штета на една плејада функционери од владата на СДСМ и Зоран Заев, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата Анализа на Телевизија 24.

Понатаму додаде:

Утре, задутре кога ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада треба да премолчи на целиот тој криминал кој што го видовме, целиот тој непотизам, сите оние нетранспарентности? Зарем треба да го премолчиме 35 милиони евра тендерот кој беше даден на фирма стара 7 дена?

 

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ има поднесено неколку кривични пријави за аферите на власта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.