Се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот – рече претседателот Иванов од говорницата во македонското собрание.
Тој, оваа порака до мнозинството ја упати цитирајќи го првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет.
Во тој контекст, Иванов додаде дека 27 години независност на Република Македонија се само миг во долгата историја на човештвото и човековиот стремеж кон слобода и поредок.
Нашата цел треба да биде многу потрајна. Да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца, и нивните деца – рече шефот на државата.
Говорејќи за иднината на Република Македонија, Ѓорге Иванов истакна дека треба да се ослободиме од омразата и реваншизмот, и да се свртиме кон помирувањето, но како што рече она автентичното без задни намери, без скриени агенди, а до кое се стигнува преку вистината и одговорноста.
Преку вистината и одговорноста што води до помирување, ќе имаме праведно општество во кое меѓусебното почитување одново ќе биде наша врвна вредност. Во кое власта и опозицијата наместо како заколнати непријатели ќе се доживуваат како достојни противници и партнери за доброто на граѓаните што ги избрале. Држава во која ќе имаме култура на почитување на Уставот и законите. Општество во кое младите ќе имаат реална надеж за исполнет живот и перспектива. Држава во која луѓето ќе имаат правна сигурност и слобода да го планираат својот живот. Држава во која децата ќе живеат во чиста и здрава животна средина. Стопанствениците ќе имаат отворени пазари и фер конкуренција. Студентите ќе се натпреваруваат со идеи, а иноваторите со изуми. Пензионери кои ќе имаат пристојни пензии за достоинствена старост. Доктори, наставници, воспитувачи чии плати ќе соодветствуваат со огромната одговорност што ја имаат – а тоа е да се грижат за здравјето на телото и на духот на секој еден од нас – рече Иванов.
Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам – рече претседателот Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.