Во годината која изминува слушавме и читавме се помалку убави вести. Ако традиционално секоја година одбиравме личности од уметноста, бизнисот, спортот, науката, политиката, лица кои не промовирале во светот, оваа година се решивме за друг пристап. Оваа година редакцијата на „Република“ реши да им даде простор на децата кои со своите постапки, волја, истрајност, жртвување и многу љубов ни покажаа како треба да се оди низ животот.
Веруваме дека освен овие деца кои ги спомнуваме во завршниот текст, има уште многу чии приказни не се прочитани, а се вредни за спомнување и истакнување. Тоа ќе ни биде и задача за следната година. Да ги побараме и да ги напишеме, да им помогнеме ако е потребно, да ги афирмираме и да се вратиме на вредностите за кои вреди да се живее.
Марко Пејчиноски

Дванесетгодишниот Марко Пејчиноски на 28 август го преплива Охридското езеро, односно преплива 25 километри, подвиг вреден за истакнување и за паметење.
Марко не е само момчето кое го преплива Охридското Езеро. Марко е личноста која даде поттик на илјадници деца кои се соочуваат со проблеми. Марко е утеха, надеж за десетици илјади родители кои се борат за своите деца, за родителите кои понекогаш заглавуваат во своите мисли, во својот страв – дали се ќе биде во ред со нивните чеда. Марко им покажа дека надежта е последната која треба да се изгуби.
Кога ми се случија здравствените проблеми помислив дека никогаш повеќе нема да биде како порано. Се плашев. Но со поддршката од родителите и мојата волја го надминав тој страв, изјави Марко во разговор за „Република“.
Марко бил дете кое од утро до мрак играло со топката. Но по проблемите кои се појавиле било неминовно да се најде начин да ја канализира таа негова енергија, пред сѐ заради младоста.
Со пливање започнав минатата година, откако поради проблемите престанав да играм фудбал. По совет на докторот и разговор со татко ми, почнав со пливање. Прво еден месец пливав во хотел Тино. Па чекав да дојде лето. Некако тоа ми стана интересно. Првично одевме на пливање откако татко ми ќе дојде од работа по час, часиполовина. Полека се појави поголема желба. Почнав да вежбам за малиот маратон. Па потоа добив желба за повеќе.
Хендикепот, односно инфаркт на коска, со која се соочил некаде во октомври 2016 година, и поради кој го напуштил фудбалот, денес не го сфаќа трагично. Му недостигаат и фудбалот и топката, но затоа пак се насочил кон нешто друго што вистински го исполнува и го прави среќен. Неговата желба била да плива на големиот маратон, но се откажал поради тоа што бил свесен дека ја нема брзината на маратонците.
Активно со тренинзи за препливување на Езерото започнал на 15 октомври. Во базенот во Хотел Тино испливал 296 километри во периодот до 15 јуни. Вклучувајќи го пливањето во езеро и во отворен базен за осум месеци младиот јунак испливал 450 километри. Работел напорно, со желба и ентузијазам. И како што самиот кажа – со многу работа целта е остварена.
Здравствената состојба на Марко е подобра. Болките се помали, стадиумот на јадење на коската е завршен, времето е она кое ќе покаже како понатаму ќе се реагира. Сега ќе започне со дополнителна влошка за да се израмни висината.
Максим Кочовски

Максим Кочовски од Скопје има само четири години и летово тој ја донираше својата коса за перика која ќе ја користат децата болни од рак. Претходно, тоа го сторија и Јана, Ангела, Вероника, Косара, Санела, Дијана, Леонида, Миа Марија.
Семејствата на децата ја испратија нивната коса во фризерски салон во Амстердам, кој веќе десет години добива донации од целиот свет, и изработува бесплатни перики исклучиво за деца кои се борат со ракот.
Јане Велковски

Приказната за десетгодишниот Јане Велковски од Скопје и неговата љубов кон фудбалот го обиколи светот. Тој докажа дека болеста, спинална мускулна атрофија (СМА) не е пречка да се постигне она што силно се сака.
Во септември на Јане му беше извршена операција на ‘рбетот во Париз. Само две недели по операцијата, тој со семејството беше дел од публиката на натпреварот помеѓу „Париз Сен Жермен“ и „Црвена Ѕвезда“ од второто коло на Лигата на Шампионите.
Неколку дена пред операцијата, УЕФА го промовираше новиот свидео спот од проектот „Equal game“, кој започнува токму со Јане. Петтооделенецот од улилиштето “Димитар Поп-Георгиев Беровски“, веќе подолго време е заштитен знак на УЕФА. Во спотот, освен Јане се појавуваат и светски фудабалски ѕвезди како Роналдо, Меси и Погба. Видеото започнува со гласот на Јане кој е голман, на неговото маалско игралиште во населбата Хром, со маалските другари.
Приказната за борбата на семејството Велковски почнa од оној момент кога ги добиле анализите и му била откриена болеста на Јане. Тогаш, мајката Деница и нејзиниот сопруг Ѓорѓи си ветиле дека на своето дете ќе му обезбедат сѐ што можат за и тој, како и другите деца да има среќен живот.
Само две недели по операцијата, Јане со семејството беше дел од публиката на натпреварот помеѓу „Париз Сен Жермен“ и „Црвена Ѕвезда“
Јане беше придружба на фудбалската репрезентација на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни лани. Со своето семејство му беше гости на познатиот светски фудбалер Пол Погба, кој е негов голем идол. Сонот на Јане се оствари откако во живо го проследи натпреварот на „Манчестер јунајтед“ против „Севиља“ на „Олд Трафорд“, а добредојде му посака лично Погба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.