Премиерот Зоран Заев сѐ уште не е сигурен дека ќе има двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени во Парламентот. Во моментов сигурни се 75-76 пратеници, но не и 80 гласа колку што имаше кога се отвораше Уставот, велат владини извори.

И самиот Заев вечерва во емисијата „24 отворено” потврди дека има 76 гласови, но рече дека се надева оти за уставните измени може да има и повеќе од 80 гласови. Тука, како што кажа, мисли и на други пратеници од опозицијата, бидејќи, според него, многу од нив знаат дека оваа шанса за евроатлантски интеграции не треба да се испушти, а нредната може да се појави после многу години.

Заев вечерва уште кажа дека е точно оти Законот за амнестија е донесен делумно и со цел за да успее процесот на уставните измени, но и за помирување кое ѝ било потребно на државата, и покрај тоа што е свесен дека веројатно ќе плати политичка цена за тој потег.

Очекувам дека за овие одлуки јас ќе ја платам политичката цена. Под политичка цена мислам на избори. Граѓаните кажуваат и оценуваат на избори. Да, точно е дека амнестијата ја правиме и за процесот на уставните измени. Со профилот на законот се амнестираат пратениците и уметниците. Дурловски, влезе и ја пееше химната. Тој треба да се суди на 20 години затвор? Но, законот е и за да се постигне помирување, рече Заев.

Тој уште го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека има неодговорен однос, прашувајќи: „Зарем не треба да се носат одговорни одлуки?”.

Што се однесува до претстојните претседателски избори, од Владата велат дека Заев нема да биде кандидат за претседател, но најавуваат можност за измени во Владата. Овие измени, според истите извори, предвидуваат укинување на Министерството за спроведување на Рамковниот договор и формирање ново министерство за политички систем и мултикултурализам.

Во однос, пак, на очекувањата на Заев, како што рече самиот, да плати политичка цена од Владата не коментираат, но дополнуваат дека е отворено прашањето за предвремени избори во самиот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Но, засега сѐ уште се прават анализи и конечните одлуки ќе се донесат по завршувањето на процесот на уставни промени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.