Народниот правобранител Насер Зибери во интервју за МИА вели дека најголем проблем е ресоцијализацијата и образовниот систем за малолетниците сместени во ВПД Тетово. Парцијалното решавање на овој проблем или народски кажано обезбеденото образование колку да се каже дека „ете децата посетуваат настава“, според него, не е решение.

Поразителен е податокот дека речиси голем број од нив по неколку години ние како институција ги сретнуваме во затворите. Ова е голем неуспех за нас како држава од причина што домот не си ја извршува функцијата за која е основан, да влијае воспитно, но и поправно врз децата, вели Зибери.

Тој во интервјуто потсети дека пред неколу недели на презентацијата на Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам упати критика до Министерството за здравство за состојбата со здравствената заштита во затворите, и веќе за неколку часа имаше реакција од министерот, кој појасни каде е проблемот и дека планира од септември сериозно да се зафати со негово решавање.

Овој потег е за поздравување и добар пример што треба да го следат и останатите носители на јавни функции. Ние како институција секако и понатаму будно ќе следиме дали навистина ќе има подобрувања во оваа сфера, истакна народниот правобранител во интервјуто за МИА.

Пред неколку месеци кога стапивте на функцијата народен правобранител изјавивте дека ќе се залагате да ги штитите правата и слободите на граѓаните и дека нема да има амнестија кон ниту еден раководител на орган на управа или носител на јавна функција. Како ги гледате работите сега од оваа преспектива, откако навлеговте во работата. Дали ќе ја постигнете таа цел?

Зибери: Функцијата не треба да се разбира само како привилегија, туку и како одговорност. Нема и не смее да има функција без одговорност и во таа насока беше мојата изјава дека нема да има амнестија, поточно поштеда за ниту еден раководител, носител на јавна функција, од причина што посебно тие треба да бидат пример за законско работење.

Поминаа повеќе од шест месеци од мојот избор за народен правобранител и полека навлегувам во мојата функција. Ова го кажувам затоа што и самиот чувствувам одговорност во нејзиното вршење и тоа голема од причина што јас и моите вработени секој ден решаваме човечки судбини, се убедуваме со раководителите и носителите на јавни функции дека со непостапувањето по барањата на граѓаните, нивното неосновано одбивање, неиздавањето соодветни документи и некоректниот однос им ги прекршуваат нивните права. Гледам дека има раководители и функционери што ги прифаќаат нашите укажувања и веднаш постапуваат по нив, но има и такви што се однесуваат како да не го прочитале Законот за народен правобранител и не ги знаат неговите ингеренции, нешто што сметам дека е крајно недозволиво. Нашиот закон дава повеќе можности сите вакви случаи да се актуализираат/да добијат публицитет, преку јавноста, но и преку организирање расправи во парламентот, каде што овие раководители/функционери ќе треба пред целата јавност да дадат објаснувања зошто не постапуваат по барањата и не ги спроведуваат препораките на народниот правобранител. Ова е релативо нова надлежност, и сериозно размислувам за нејзина примена. Во оваа пригода би сакал да појаснам дека ваков инструмент функционира и во други држави. Неодамна имав средба со мојот колега од Турција, г. Малкоч, кој кажа дека често ги користи овие расправи во парламентот и дека тие даваат резултати.

Ме прашувате дали ќе ја постигнам целта. Да не мислев така, немаше да се нафатам да ја вршам оваа функција. Имам доволно искуство за да кажам дека човек кога ќе си постави цел, мора да се стреми да ја оствари и дека не треба да се откажува на првата пречка. Функцијата народен правобранител е функција што го тера човекот на упорност, истрајност, од причина што тој нема принуден механизам и целата умешност е во убедувањето, во силината на аргументи изнесени во препораки, укажувања.

Еве, на пример, пред неколу недели кога го презентирав Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам и упатив критика до Министерството за здравство за состојбата со здравствената заштита во затворите, веќе за неколку часа имавме реакција од министерот, кој појасни каде е проблемот и дека планира од септември сериозно да се зафати со негово решавање. Овој потег е за поздравување и добар пример што треба да го следат и останатите носители на јавни функции. Ние како институција секако и понатаму будно ќе следиме дали навистина ќе има подобрувања во оваа сфера.

Неодамна со случајот со Тони Сали, кој, за жал, почина, излезе на виделина проблемот што надлежните државни органи долги години го ставаат „под тепих“, а тоа е уписот на лицата во Книгата на родени. Што ќе преземете против ваквото бирократско, непрофесионално и нехумано однесување на надлежните институции?

Зибери: Предметот со матурантот Тони Сали според она што ми беше кажано кога бев избран на функцијата народен правобранител, институцијата го работела веќе две години и ги исцрпела сите можности што ги дава Законот за народен правобранител. Жалам што поголемиот дел од јавноста се заинтересира за проблемот по смртта на момчето, кое не дочека да стане видливо за државата и да го продолжи своето образование според неговата желба. Овој случај со сета негова трагичност и апсурдност треба и мора да биде пример за сите нас како во иднина институциите не треба да се однесуваат со поединечните барања на граѓаните и со препораките на народниот правобранител. Јас сум убеден дека можело да се најде начин момчето да добие извод од матичната книга на родените и дека надлежните не посветиле доволно внимание за решавање на проблемот. Секако за овој случај треба темелна истрага за да се утврди евентуална одговорност дали некој со намера го оневозможувал остварувањето на правото на детето.

Ние како институција веќе до надлежните органи имаме доставено допис во кој ги дадовме нашите констатации за детектираните слабости, како во регулативата така и во нејзината практична примена, со цел никогаш повеќе да не се повторат вакви случаи.

Граѓаните пред извесно време се соочија со проблем поради прекинот на издавање лични карти, патни исправи, возачки дозволи… од страна на Министерството за внатрешни работи. Најавивте дека ќе ги испитате евентуалните пропусти во работењето на надлежните служби во МВР, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните. Дали има нови моменти во однос на тоа?

Зибери: Како народен правобранител несфатливо ми е како може целокупниот систем да не може навремено да одговори на потребите на граѓаните, кои сега се доведени во ситуација да не можат да патуваат, да ги користат своите возила, па дури да им биде загрозена егзистенцијата, бидејќи од банките не можат да си ги подигнат платите, пензиите и другите парични примања. За овој пропуст нема оправдување (како што стои во одговорот на Министерството за внатрешни работи) дека согласно уставните амандмани донесени пред две години имало потреба да се менува системот. Ако е тоа вистинскиот проблем, тогаш се поставува прашањето: кој затаил во случајов, ако се знаело уште пред две години дека во овој период мора да профункционира нов систем на издавање на личните документи?

На почетокот на ова интервју зборувавме за одговорноста, чие понесување го сметам како доблесен, а не како чин на пораз.

Како институција речиси во секој годишен извештај алармирате за лошата слика во затворите, за пренатрупаноста, но и за честото одредување на мерката притвор. Имате ли проблем во соработката со институциите?

Зибери: Затворскиот систем ние како институција го мониторираме од два аспекти, превентивно преку Националниот превентивен механизам и преку заштитата, постапувајќи по поединечни претставки, но и преку отворање предмети по сопствена инцијатива, кога за тоа сметаме дека има потреба. Низ годините многу се пишуваше за проблемите од секој аспект. Ситуацијата тука е малку подобрена во однос на сместувачките капацитети (веќе нема пренатрупаност во затворите по дадената амнестија од пред неколку години), но остануваат проблемите со сегментите на здравствената заштита, ресоцијализацијата, па и образовниот процес, на кои мора уште многу да се работи.

Кога зборуваме за затворите, зборуваме за лица на кои слободата на движење им е ограничена и тие не се во можност како нас останатите, кога имаат потреба од лекарска помош, веднаш да си ја обезбедат. Недозволиво е државата некого за стореното дело да го казнува двојно, еднаш со сместување во затвор, а вторпат со скратување на правото што законот неспорно им го гарантира – пристапот до здравствена заштита.

Голем проблем е и ресоцијализацијата или оспособувањето на затворениците, по издржувањето на затворската казна да си најдат работа и да се вклучат во нормалните текови на општеството. Нејзиното отсуство сметам дека е една од главните причини што голем број од нив се повратници.

Но, сепак, за мене најголем проблем е ресоцијализацијата и образовниот систем за малолетниците сместени во ВПД Тетово. Парцијалното решавање на овој проблем или народски кажано обезбеденото образование колку да се каже дека „ете децата посетуваат настава“ не е решение. Поразителен е податокот дека речиси голем број од нив по неколку години ние како институција ги сретнуваме во затворите. Ова е голем неуспех за нас како држава од причина што домот не си ја извршува функцијата за која е основан, да влијае воспитно, но и поправно врз децата.

Што се однесува до соработката со затворските управи, сè уште има појави одредени раководители да не ги знаат улогата, значењето и надлежноста на институцијата Народен правобранител во сегментот што значи превенција и заштита на правата на лицата на кои слободата на движење им е ограничена. Ова само ја потврдува нашата констатација дека континуирано мора да се работи на едукација, како на вработените во затворските установи така и на лицата што раководат со нив.

Дали како омбудсман сте задоволни од поставеноста на институцијата во поглед на нејзината независност од секаков, но пред сè од финансиски аспект. Дали добивате доволно средства од буџетот за непречено функционирање и вршење на функцијата, а тоа е промоција и заштитата на човековите права?

Зибери: Ако го читате Законот за народен правобранител, ќе добиете впечаток дека иституцијата има многу надлежности, што не е спорно, дека таа е добро поставена од аспект на мониторирање на работата на иституциите (како регулаторно тело) и дека од тие причини не би требало да биде доведена во прашање нејзината независност и од аспект на финансирање. Но во практиката не е така. Народниот правобраниел и натаму е дел од јавната администрација, што значи дека за одредени работи зависи од оние над кои има надлежност да постапува. Тука пред сè мислам на Министерството за финансии, од кое ние мора да бараме согласност за нови вработувања, за пополнување на веќе испразнети места, иако парите во буџетот веќе ги имаме. Ова сме го дискутирале и внатре во институцијата, но и на повиско ниво, и заклучок е дека законот мора да претрпи сериозни измени, поточно да се донесе нов закон што ќе ја гарантира целокупната независност на институцијата. Во тој сегмент спаѓа и прашањето за материјалниот статуст на вработените во стручната служба што моментално не е ни блиску до материјалниот статус на другите регулаторни тела во државата, а дури и понизок и од целокупната јавна адмистрација, која во практика треба да ја контролира.

Приоритетите на институцијата може единствено да ги утврдува народниот правобранител и следствено на тоа да креира адекватна кадровска политика во рамките на одобрениот буџет. Последиците од постојното решение можам да ги илустрирам со околноста што во одделот што треба да работи на промоција на човековите слободи и права со години нема ниту еден вработен. Покрај ова и поради природниот одлив на вработените (пензионирање, заминување од институцијата) местата остануваа непополнети. Ваквата ситуација сигурно нема да се случува ако народниот правобранител самостојно одлучува за овие прашања.

Што мислите дали институцијата доволно е вклучена во реформските процеси во државата. Најавена е голема реформа во образовниот сиистем, а вие како институција бевте најгласни при донесувањето на новите закони од оваа сфера. Прашањето се однесува и за другите делови од општественото живеење, а кои директно навлегуваат во остварување на правата на граѓаните, пред сè на таканаречените ранливи категории?

Зибери: Сите лоши законски решенија, решенија во кои има недоречености, правни празнини, кои се донесени без соодветна анализа и јавна расправа се рефлектираат врз работата на народниот правобранител од причина што граѓаните откако ќе се изморат убедувајќи се со институциите дека им е повредено некое право, се обраќаат кај нас. Погоре зборувавме за случајот со матурантот, кој поради бирократијата и недореченостите остана невидлив за државата. Лично сметам дека институцијата Народен правобранител треба да биде консултирана/вклучена како во сите поголеми реформи така и при донесувањето на законите, затоа што ние низ нашата работа точно ги детектираме законските слабости, поточно знаеме која законска одредба каква мака му задава на граѓанинот. Неспорно е правото на министерствата да ги кројат сопствените политики и да ги спроведуваат реформите, но секое искуство е добредојдено со цел да се направат што поуспешни и применливи законски решенија.

Ние како институција честопати даваме мислења за одредени законски решенија, и поднесуваме иницијативи за законски измени до овластените предлагачи. Е, сега, колку тие ги почитуваат и постапуваат по нив е друго прашање, кое заслужува анализа. Мислам дека по 23 години од постоењето на институцијата потребна е една ваква анализа, која ќе даде слика за тоа колку иституциите соработуваат со народниот правобранител, и дали и какви измени се потребни за подобрување на таа соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.