Кејт Милер Хајдке е претставничката на Австралија, која вечерва ќе пее во финалето на Евровизија. Ова не ѝ е прв настап на Австралија на Евросонг. Првиот настап се случи во 2015-та, кога настапи во финалето по повод 60-тиот роденден на музичкиот избор за најдобра европска песна.

Австралија е единствената земја надвор од Евроазија која учествува на изборот. Зошто Австралија пее на Евросонг? Најголемата причина може да се сведе на едно – исклучително големата популарност на изборот во земјата. Австралискиот сервис „Си-би-си“ пренесува Евросонг уште од 1983 година, а од првото емитување до денес популарноста на изборот воопшто нема опаднато во оваа земја на другиот крај на светот.

Како причина за тоа се смета што голем дел од Австралијците потекнуваат од Европа, особено Велика Британија. Понатаму, Австралијците во последните декади на Евросонг земаат и индиректно учество на многу начини – како изведувачи за други земји, автори на песни и слично. Во 2010-та, „Си-би-си“ им дозволи на граѓаните на Австралија да гласаат за победникот, меѓутоа тие гласови не се пребројуваа заедно со гласовите од останатите учеснички.

Веќе во 2012-та, во Баку, Австралија доби свое коментаторско место, а во 2015-та ЕБУ и австриската ORF (која таа година го организираше изборот) ѝ дозволија учество на јубилејниот
60-ти Евросонг. На тоа јубилејно издание на Евросонг, за да не им ги намали шансите на другите полуфиналисти, австралискиот претставник Гај Себастијан се пласираше директно во финалето, а во гласањето го освои петтото место. Поради одличниот прв пласман, Австралија побара да учествува и на следниот Евросонг 2016, кога претставничката Дами Им  за малку ќе победеше и замина дома како второпласирана во финалето. Ова е петта година како Австралија учествува на Евросонг, а од упорноста очигледно е и дека се надева на победа. Во таков случај, сепак, натпреварувањето следната година нема да се одржи во Австралија, како што е случај со другите победници. Во тој случај Австралија ќе го коорганизира натпреварувањето со една од земјите членки на ЕБУ, при што веројатно главни избори би биле Германија и Велика Британија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.