Во чест на 73. роденден на пејачот Дејвид Боуви на 8 јануари, галеријата Зебра уан објави три ретки слики на покојната икона од фотографката Кејт Гарнер во ексклузивна, нова серија.

Сликите се од фотосесија во Лос Анџелес во 1995 година, каде што се гледа како пејачот кој почина во 2016 година, врзан со јажиња виси од таванот, завиткан во завои и ставен во огромна цевка. Ова се единствените слики на Дејвид Боуви што ѝ останале на Кејт Гарнер, откако целата нејзина колекција фотографии била украдена од складиштето во ЛА, пред 12 години. За среќа, еден пријател го спасил овој дел од историјата зачувувајќи неколку принтови и негативи во своето студио во Лондон.

Никогаш не бев фан на Боуви, ја претпочитав нерафинираноста на Иги пред персоните на Дејвид, но откако поминав едно попладне со овој волшебник, тој ми стана еден од најчудесните луѓе што досега сум ги сретнала. Беше неверојатно шармантен и истражуваше која сум јас и откри дека сум работела со неговиот пријател и продуцент Тони Висконти, кој рече дека Дејвид е еден од неговите омилени уметници за работа, вели Кејт Гарнер за фотографиите.

Фотосесијата беше за две различни насловни страници на списанија во едно попладне, но Боуви го направи ова искуство што е можно полесно, среќно дозволувајќи му на Гарнер да го закачи на јажиња и да го стави во цевка.

Единственото барање на кое Дејвид ми се спротивстави беше да го фотографирам неговиот гол грб одзади, бидејќи имаше сколиоза.Откако завршивме, Дејвид ме праша дали сакам да направам уште една, поинтимна, лабава сесија и дали сакам да ја фотографирам Иман, неговата сопруга? Да. Да, те молам! Тажна сум што толку брзо ја напушти планетата Земја. Ми недостига неговото присуство, раскажа Кејт.

Сопственичката и кураторка на галеријата Зебра уан, Габриел Ду Плуј, истакнува оти се многу возбудени што може да го споделат ова неверојатно парче историја.

За да го прославиме неговиот роденден, овие три ретки слики се продаваат исклучиво преку нас, со златни и розови изданија, како и црно-бели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.