Македонскиот прочуен гитарист, Влатко Стефановски, тргна на турнеја низ регионот. На концертите, покрај добро познатите хитови, ќе го претстави и новото студиско издание на „Тафталиџе шафл“ (Taftalidzе Shuffle).
Подмладената тројка, која покрај Влатко ја сочинуваат неговиот син Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас гитара, ја почнаа својата летна турнеја во Панчево, по што заминаа за Хрватска.
Триото Влатко Стефановски денеска ќе настапи во Загреб на „Бундекфест“, а утре се во Осиек. Турнејата продолжува на 4 јули со концерт во Палиќ, по што следуваат настапи во Трогир на 9 јули, во Шибеник на 10 јули и на Брач на 11 јули. Словенечката публика ќе има можност да види концерт во Нова Горица, на 17 јули, додека на 20 јули, Влатко Стефановски ќе настапи во Будва, на култната манифестација „Град Театар“.
На 30 јули ќе има голем концерт на стадионот „Ташмајдан“ во Белград.
Како што соопшти „Кроација рекордс“, Влатко Стефановски покажал ненадмината техника и уникатен сензибилитет еднакво успешно во етно и рок, но и во блуз, фанк и џез жанрови, кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележуваа како уметник.
Во текот на својата кариера, Влатко Стефановски ја делеше сцената со најголемите гитаристи во светот, вклучувајќи ги Томи Емануел, Јан Акерман и Сточело Розенберг, а регионалната публика секогаш покажуваше длабока почит и интерес за неговата музика. Најновиот студиски албум „Тафталиџе шафл“, објавен под закрилата на „Кроација рекорд“, кој Влатко Стефановски ќе го претстави на претстојната турнеја, со месеци го држи врвот на продажните листи за компакт – дискови и
винили.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.