Горан Бреговиќ, ѕвездата не само на овие балкански простори, туку и европски, светски, човекот кој со својата музика го освои и Холивуд и правеше музика за нивните филмови, во Скопје го промовираше најновиот проект „Три писма од Сараево“ токму на својот роденден.
Македонската филхармонија го изненади музичарот со изведбата на песната „Среќен роденден“ а целата публика во арената „Борис Трајковски“ на нозе пееше за својот идол. Во публиката присутни од сите генерации. И они кои го паметат од „Бјело дугме“ и оние кои подоцна го запознаа со неговиот оркестар за свадби и погреби и оние најмладите кои од неодамна ја следат неговата работа.
А тој, Горан, бескрајно задоволен, со препознатливата насмевка на лицето откако се заблагодари за честитката ја поведе публиката на уникатно музичко патување. Се споија етно и класика, носталгија и џумбус.
Виолините на трите начини како што овој инструмент се свири: класичен- христијански, ориентален- муслимански и клезмер-еврејски, Бреговиќ и Македонската филхармонија, тројцата фантастични солисти Зиед Зоуари од Тунис, Гершон Леизерсон од Израел и Мирјана Нешковиќ од Белград звучеа беспрекорно.
Во вториот дел од концертот Бреговиќ се наврати на старите хитовисо „Чирибирибела“ од Дугме, „Едерлези“, „Јеремија“, „In the death car“…. а „Калашњиков“ ја крена публиката на нозе.
Стариот волк, повторно успеа да изненади со својата музика. Ова беше нешто сосема поинакво од Брега, а тој пред македонската публика уште еднаш ја раскажа приказната која го инспирирала да го напише овој проект и порача дека сепак ќе мора самите да научиме како да живееме заедно, Бог тоа не може да не научи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.