Децата и менторите кои учествуваа на натпреварот за националниот младински предизвик, заедно со УНИЦЕФ и Тамара Тодевска, претставничката на Евровизија 2019, го прославија успехот на тинејџерите од Македонија кои добија глобално признание за нивната иновација против насилството.
Победничкиот тим – „АндроМета“ – ќе добие експертско менторство и почетна финансиска поддршка од 20.000 американски долари за да го финансираат проширувањето на својата иницијатива – мобилната апликација “Speak Out”, која е дизајнирана за да гради заедница за поддршка на жртвите од врсничко насилство.
Се зборува за „АндроМета“. Другите деца и тинејџери се распрашуваат како може и тие да учествуваат на следниот младински предизвик. Всушност најдобриот можен резултат од светскиот успех на овој тим е токму тоа – инспирацијата што ја даваат на други млади луѓе за да се вклучат и преку соработка да решат некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација и да создадат подобар свет за себе, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Тамара истакна дека нејзината евровизиска песна е за секој што верува во себе и ја прифаќа својата посебност и затоа е, вели, многу горда што денес имам можност да дадам поддршка на „АндроМета“ и на нивната иницијатива против врсничкото насилство.
Верувајте во своите способности и прифатете го со радост својот потенцијал! Тогаш ќе може да направите промена, дури и чудо, рече Тамара Тодевска.
На церемонијата на доделување сертификати на учесниците, што се одржа вчера присуствуваа претставници од приватниот сектор кои се потенцијални спонзори на следните иновативни младински иницијативи и претставници од дипломатскиот кор.
Младинскиот предизвик е дел од глобалната иницијатива Generation Unlimited, која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.