Стефан Петановски (20) е студент на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) кој неодамна го издаде првиот албум „Architect of Reality“. Освен што има свој бенд, тој предава гитара во приватното музичко училиште Enterprise. А во слободното време, креира своја музика, снима, учи продукција и свири низ градот, но и низ Македонија.
На седум години почнал да се интересира за свирење гитара.
Татко ми е тој кој што ме научи на основните техники на свирење гитара, бидејќи тој свири гитара како хоби. И оттаму едноставно продолжив со свирење на сопствена иницијатива, учејќи од најразлични книги, видеа, онлајн лекции, туторијали и слично. И така беше сè до моментот кога одлучив моето музичко патешествие да го продолжам на ФМУ. Немав тутор, ментор или професор. Едноставно, моето познавање за гитарата и музиката го стекнав секојдневно учејќи од видео лекции создадени од врвните мајстори и читајќи нивни книги, раскажува Петановски за „Република“.
Младиот гитарски виртуоз, како што го нарекуваат познавачите признава дека најмногу научил со секојдневно и макотрпно вежбање.
Мноу често ми се има случувано да гледам некоја концертна изведба од некој бенд и да се инспирирам, па подоцна да седнам и да го научам целиот концерт како се свири на памет по слух, буквално тон по тон, за после некое време да го свирам концертот заедно со снимката замислувајќи се себеси дека сум член од бендот, вели Петановски.
Неговиот гитарски идол е Џон Петучи, поради начинот на свирење и пристапот кон музиката.
Поради Петучи, јас одлучив дека сакам да се бавам со музика на професионално ниво. Низ текот на годините сум имал и сè уште имам огромен број на гитаристи од кои се инспирирам, но ако не дознаев за Петучи во текот на моето средно образование, јас можеби никогаш нема да се бавев со музика на професионално ниво, вели Петановски.
Стефан, неодамна го издаде првиот албум „Architect of Reality“. Што содржи тој?
Се работи за инструментален албум во кој доминира звукот на гитарата. Албумот содржи дванаесет композиции од најразличен карактер. Низ целиот албум сакав да го задржам „детскиот инстинкт” на некој начин, односно оној дел од мене којшто постојано сака да истражува, осознава и експериментира. Па така, ова парче музика може да се опише како голема палета на звуци и едно огромно патешествите во кое има најразни елементи почнувајќи од енергични дисторзични гитари пропратени со ритмички секции од истиот карактер, прекршени ритмички делови, многу гитарски солоа, па се до оркестрации и балада која сорджи саксофон соло. Едноставно, можам да кажам дека не се ограничив во конкретна музичка насока и оставив ова парче музика да си биде свое уникатно дело во кое нема лимит.
Кој е автор на композициите? Како ти би го оценил односно во кој жанр спаѓа?
Јас ги снимив и направив сите композиции кои се наоѓаат на албумот. Сакав да создадам нешто што ќе претставува комплетен идентитет за мене како музичар. Па токму поради тоа се одлучив на тој потег, односно се од делот на креирање, снимање, продуцирање да биде изработено од моја страна со неколку исклучоци како мастеринг фазата на овој албум која беше спроведена од страна на Дамир Пух. Искрено, не сум голем фан на задавање на жанрови на музички дела, но дефинитивно е битен дел од целата музичка сфера така што, овој албум би го определил како прогресвен рок/ метал, бидејќи навистина во основа е рок и метал, но има примеси од многу други жанрови.
Дали има гости на албумот?
Да, на ова издание ја имав честа да имам неколку гости кои сериозно и прекрасно си ја завршија работата. Дамир Пух отсвири гитарско соло на песната „Remember“ за која има и видео запис кој може да се погледне на мојот Youtube канал, Виктор Захариев, кој исто така отсвири гитарско соло на песната „Multifaceted“, Славко Ѓорѓиев, кој го отсвири саксофон делот на песната „Bound by Blood“, Пелумб Ќерими, со неговото гитраско соло на песната „Time lapse“ како и мојата сестра Ана Петановска со вокалните текстури и делови низ двете последни композиции од албумот Banquet of Life: Chapter I и Chapter II.
Дали во моментов си дел од некој бенд и со кого свириш на свирки низ градовите во Македонија?
Јас сум член во бендот Station: Innermost заедно со Наташа Миха, Дамир Пух, Дарко Фотиновски и Дејан Апостоловски. Се работи за нов бенд за кој луѓето допрва ќе чујат. Инаку, со Station: Innermost имаме снимено цело EP кое што ќе биде објавено во многу блиска иднина. Се работи за музички материјал сличен на стилот на мојот соло албум, но со вокални делови и многу по бендовски пристап. На најновото парче музика ја имавме честа да ни гостува Derek Sherinian кој е светски познат клавијатурист чие име се има најдено во состав на многу популарни бендови како Dream Theater, Sons of Apollo, Alice Cooper, Billy Idol, а исто така ни гостува и веќе истакнатиот музичар од ова подрачје Ади Имери. Па така, во овој состав по самото издавање на нашето EP ќе почнеме и со настапи во живо низ разни места во и надвор од градовите во Македонија. Исто така и јас со мојот соло проект ќе работам на тоа Architect of Reality да си добие свој бендовски звук и презентација во живо како и што заслужува.
Кои се твоите идни планови?
Главен приоритет ми се настапите во живо со мојот бенд Station: Innermost како и настапите во склоп на мојот соло прокет. А веднаш после тоа би ставил фокус на креирање и снимање нов музички материјал со Station: Innermost со што нè чекаат нови музички предизвици и патешествија. Засега само можам да кажам дека ова е почетокот од целата авантура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.