Нова песна насловена како „Врие Македонец“ и цел нов албум ни подготвува хип-хоп колективот Чиста Околина.

За нив 2021-та беше успешна година. Се вратија на сцената цели дваесет и пет години по објавувањето на култното деби „Новиот аспект на старата школа“ и го издадоа повратничкиот албум „Avant-garde Fatiguee“. Албумот беше поддржан од два сингла („Си играме со рапот“ и „Малку поети“), како и од дополнително албумско издание со инструментални верзии од песните.

Слушнете ја песната на следниот линк:

Чиста Околина остануваат доследни на својата бескрајна музичка љубопитност и во новата песна го спојуваат хип-хоп изразот со семплови од Драган Ѓаконовски – Шпато („Поздрав до оркестарот“), Телонаука совршена („Небо“), Анастасија („Гори“) и Алек Пејовски („Над истата темнина“).

Ваквиот, навидум невозможен, колаж од музички стилови и влијанија, создава совршена подлога за експлозивниот, политички ангажиран текст, во кој бескомпромисно се занимаваат со безизлезноста во која, децении наназад, без престан тонат цели генерации.

На „Врие Македонец“, Чиста Околина ги придружуваат Кацар и Вена, а миксер и продуцент на песната е Драги Иванов, кој свири и гитара. Наскоро ќе излезе и видео-спот за синглот, во режија на Иван Солунчев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.