Новото издание на ФОЛТИН беше денеска претставено на јавноста на средба со новинарите. Изданието содржи шест авторски композиции. Бранислав Николов – глас, Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани, Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника. Гости музичари се: Петар Димитровски – клавијатури (1-6), Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон (5). Снимател: Гоце Јованоски, Микс и мастеринг: Ивица Јанкуловски-Штраф, Студио АЛШАР, Скопје.
„МОМÓМА“ е најзрелиот албум на Фолтин. Музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде. Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо фолтиновски. МОМÓМА е како Шпато да седнал со “Бич Бојс”, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост. МОМÓМА е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со Фолтин, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок – од “Thrust”, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер. Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од “Chocolate Jesus”. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка. А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно, вели Дејан Трајкоски – писател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.