Викендов во просториите на Пасворд Продукција се одржа промоција на „Скомраси Апсурдистански“, албум на Горан Трајкоски со оригинална музика за филмот „Ругање со Христос“.
На албумот се најдоа 12 оригинални песни создадени за филмот на Јани Бојаџи. Дел од нив посетителите можеа да ги слушнат во живо, а со Горан Трајковски свиреа Петар Христов, Ана Митоска, Мите Димовски, Игор Василев, Благоја Неделковски и Сеад-Сецко Хаџиќ.

„Скомраси Апсурдистански“ е трет соло проект на Трајкоски, а зад себе има и 12 изданија со други музичари и бендови.
Горан Трајкоски е македонски композитор на театарска и филмска музика, но и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок групите „Падот на Византија“, и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и бројни јавни настапи во Македонија и низ Европа на повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александер Вељанов, Deine Lakaien, Mooger Fooger.
Студирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а музички се образовал во училиштето на Пеце Атанасовски како и преку соработка и менторство на врвните народни уметници на полето на Македонскиот фолклорен звук: Вања Лазарова и Никола Цветковски. Под менторство на отец Владимир и отец Стефан Санџакоски, како и при престоите во духовните манастирски центри во Македонија и регионов, Горан го совладал и традиционалното источно и македонско црковно пеење.

Својата кариера во компонирање на театарска и филмска музика Горан ја започнува во 1989 година со претставата Емигранти од С. Мрожек во режија на В. Цветановски. Оттогаш компонирал музика за повеќе од 100 театарски претстави и филмови во и надвор од Македонија, а денес работи како композитор во Македонскиот Народен Театар.

Вистинската уметност има моќ да нè направи подобри личности. Горан Трајкоски веќе долго време ја пее својата песна, некогаш длабока, некогаш остра, радикална и експериментална, некогаш минималистичка, или полифонична, некогаш тажна, неискажливо нежна, љубовна и сочувствена, висока, и секогаш автентична и инспирирана од најблагородни човекови побуди, олицетворени во она за што во принцип, ако сме искрени, и не може многу да се зборува или пишува – чистата музика, кон која Горан патува тивко, а сепак громогласно, заедно со возвишеноста на креативното духовно постоење во неговата најсилна еманација: убавината, макар и кобна. На светов убавини, вели за него Крум Велков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.