„Милко“, скопскиот инди поп бенд ќе има концертна промоција на новиот албум „Ноќ ко витез војува“, што ќе се одржи на вечерва, на 12 април, петок, со почеток од 21.00 часот во Младински културен центар, во кино салата „Фросина“.

„Ноќ ко витез војува“ е петти студиски албум на „Милко“ и е уште еден производ од долгогодишното комбинирање емоции, музика и урбана филозофија.

На албумот се сместени седум комплетно авторски теми, кои ја збогатуваат македонската музичка сцена и во чие создавање беа вклучени сите членови на бендот. Од истоимениот албум претходеше симпатичниот сингл „Ноќ ко витез војува“ кој сè уште е активен и слушан на радио станиците и независните топ листи.

На концертната промоција ќе ѝ претходи проекција на филмот „Овој град не препознава херои“, 26 минутна приказна посветена на бендот и нивната музика во продукција на „Деосол“.

Овој пат покрај Сашо Митревски, Стефан Терпини и Филип Поповски, во составот на Милко дебитира и младиот и талентиран Александар – Џо Господов на клавијатури. Како гостин се појавува и одличниот Сашко Костов со пратечки вокали на неколку песни.

Момците кои упорно и неуморно пливаат низ авторските бранови, за петок вечер најавуваат двочасовен настан низ кој ќе проткајуваат и песни од целата нивна долгогодишна активност како што се „Оди без зборови“, „Како си стари“, „Средба“, „Поглед“, „Ти“ и многу други.

Целиот материјал е снимен, продуциран и мастериран во студио Алшар од Ивица Јанкуловски и Милко во период декември 2018 – февруари 2019 година.

Билетите за концертната промоција се достапни по цена од 200 денари преку http://mkc.mk/mk/event/milko-nokj-ko-vitez-vojuva/ а на продажба по цена од 200 денари ќе bиде понудено и USB flash од 8Gb со нивните последни три студиски албуми во најквалитетен аудио формат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.