Новиот албум и книга на групата „Ван Гог“ ќе се промовираат на 13 јуни во Скопје. Промоцијата ќе се одржи во „Плеј кафе“, во Скопје сити мол, со почеток во 12 часот.
Неодамна групата го издаде својот нов, десетти по ред студиски албум „Море без обала“, кој македонската публика веќе имаше можност да го преслуша. Деновиве светлото на денот го здогледа и ексклузивниот транспарентен син винил од истиот албум, а истовремено од печат излезе и книга чиј автор е Звонимир Ѓукиќ.
Фановите на групата „Ван Гог“ ќе ги израдува веста за новата книга на Звонимир Ѓукиќ Ѓуле „Ван Гог – Море без обала“, со која се добива и подарок, новиот десетти студиски албум на бендот, како и дивиди со роденденскиот концерт на групата што се одржа во центарот Belexpo во 2016 година. Меѓу кориците на книгата се поместени текстови, фотографии и тајни на Ѓуле Ван Гог.
Возбудени сме што доаѓаме повторно во Скопје и со нетрпение ја очекуваме средбата со медиумите и со нашите фанови“, вели Ѓуле. Во Македонија секогаш сме имале незаборавни настапи! Не случајно и промоцијата ја правиме меѓу првите во регионот.
Роден е во 1963 година, на иста возраст како Квентин Тарантино, Џулијан Ленон и Џони Деп, Звонимир Ѓукиќ е познат како пејач, гитарист, текстописец и фронтмен на „Ван Гог“. Со оваа група тој сними десет студиски албуми, наполни многу сали во Србија, регионот и во светот, а двапати ја освои регионалната музичка награда на MTV. Малку се знае дека тој е несуден виолинист што навреме побегнал во рокенролот. Уште помалку е познато дека од својот татко ја наследува љубовта кон фотографијата и фотографската вештина, но и скромноста што долго време го спречувала своите фотографии да ги сподели со светот. Во оваа книга тој тоа го прави за првпат.
Ѓуле во книгата открива дека со децении пишува прозни текстови и дека овие текстови се всушност глина од која произлегува неговата поетска керамика. Нè запознава со еден мистериозен пријател, објаснува како настанале песните што се неизоставен дел од рокенрол историјата на овие простори.
Всушност, во оваа книга ќе откриеме зошто сме го засакале Ѓуле, но и ќе најдеме нешто за што допрва ќе го засакаме. Целиот приход од продажбата ќе биде наменет за хуманитарни цели, односно по желба на групата средствата ќе бидат наменети за најмладите.
Промоцијата е од отворен карактер, а поканети се сите фанови на групата „Ван Гог“ и пријатели на добрата музика!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.