„ЕГЗИТ“ (EXIT) на своите веб-страници ги објави официјалните процедури за влез на посетителите на овогодишното издание на фестивалот. Според предвидените протоколи влезот на Тврдината од 8 до 11 јули за сите посетители ќе биде ограничен на неколку начини. Иако за влез од Македонија во Србија не е потребен никаков вид на дополнителни документи освен документот за лична идентификација, за влез на Фестивалот сепак ќе биде потребен доказ за вакцинација или негативен антигенски тест.
ВАКЦИНИРАНИ ПОСЕТИТЕЛИ И ОНИЕ КОИ ПРЕЛЕЖАЛЕ КОВИД-19
Четиридневната влезница треба да се замени за фестивалска нараквица. За оваа цел, посетителите од Македонија на заменските места треба да покажат сертификат за целосна вакцинација или потврда дека прележале Ковид-19, или испечатен Дигитален зелен сертификат (доколку се вакцинирале во Србија).
ПОСЕТИТЕЛИ КОИ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ И НЕ ПРЕЛЕЖАЛЕ КОВИД-19
За сите оние кои купиле влезница а не се вакцинирани, ЕГЗИТ овозможи бесплатен брз антигенски тест. За пристап до тестирањето потребно е да ја покажете валидната четиридневна влезница и личниот документ. Тестирањето ќе се врши во Хала 1 на Новосадскиот саем од среда 7-ми до недела 11-ти јули од 10:00 до 18:00 часот. Доколку резултатот е негативен, на истото место се презема и фестивалската нараквица.
Доколку некој од посетителите не стигне на бесплатно тестирање на Саемот или има влезница за „Егзит“ добиена на наградна игра, за нив ЕГЗИТ, во соработка со лабораториите „Аквалаб“ (Aqualab) и „Медлаб“ (Medlab), има договорено тестирање по повластени цени. Списокот со адреси и работно време на овие лаборатории се наоѓа на вебсајтот на „Егзит“. Напомнуваме дека валидни се единствено резултатите на антигенскиот тест кој е направен во наведените лаборатории.
ЗАМЕНА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА НАРАКВИЦИ
„ЕГЗИТ“ фестивал обезбеди три локации во Нови Сад на кои посетителите ќе можат да ги заменат четиридневните влезници за фестивалски нараквици. Заменските места ќе се наоѓаат на Плоштадот на слободата од понеделник 5 јули до четврток 8 јули, потоа пред Петроварадинската тврдина од вторник 6 јули до недела 11 јули, како и на Новосадскиот саем од вторник 5 јули до недела 11 јули, и тоа само за оние кои ќе прават брзи антигенски тестови.
ВЛЕЗ НА ФЕСТИВАЛОТ
На самиот фестивал, посетителите од Македонија со четиридневни влезници ќе влегуваат исклучиво на главниот влез (кај Ловотурс) додека посетителите со еднодневни влезници влегуваат на Влез 2 (кај црквата).
На официјалната страница на Егзит објавени се комплетните правила и чекори за влез на фестивалот. Овие правила ги одобри Кризниот штаб на Република Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.