Македонскиот музичар, композитор и продуцент Бобан Боби Серафимовски, познат како Боби Серафимо, го објави најновото дело – песната „New Sun Above America“, која е негово комплетно авторско дело. Светската промоција песната ја имаше на 20 јануари, денот на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден.
Песната ѝ е посветена на Америка, а јас сум нејзин комплетен автор и музички продуцент. Инспирација ми беше сето она што се случуваше во изминатиот период, како во светот така и во САД, пандемијата на коронавирусот, но и насилството во САД, па затоа и ја насловив „Ново сонце над Америка“. Реакциите се фантастични, особено во САД, вели Боби во интервју за „Нова Македонија“.
Уште еднаш се уверив дека големите имиња и уметници, кои веќе се докажани во светски рамки, се многу непосредни и конструктивни кога се работи за издржан проект. Со саксофонистката Катја Рикерман веќе имав една соработка, инструменталот „Rare moments“ што го снимивме предизвика многубројни позитивни реакции низ светот, на листата топ 50 во САД бевме на прво место две недели, а во Велика Британија на топ 20 бевме една недела на врвот, раскажува тој.
Во „New Sun Above America“ гостин е и реномираниот музичар од Торонто, Ајдин Чурч, кој освен како пејач, работи и како глумец и режисер.
Пресреќен сум што соработував со таков талентиран вокален интерпретатор, кој песната ја донесе со наплив на емоции што допираат до слушателите уште од првиот миг на неговата изведба. Неговата убава енергија е толку силна што не може да не се почувствува, вели Серафимо.
Многу ми е важна и соработката со македонската пејачка Катерина Мицанова, која е многу емотивна личност, а во нејзиниот карактеристичен „црнечки“ глас можат да се почувствуваат и госпел и џез-елементи. Таа ги отпеа придружните вокали, а во дел од песната е и главен вокал. Реакциите за нејзиното пеење се извонредни, вели Серафимовски.
Песната е визуелизирана и со видеоспот кој го изработил Харчаран Аси, Англичанец, по потекло од Индија, кој живее и работи веќе 50 години во Велика Британија. Боби вели дека го запознал и со неговиот музички опус во филмската музика и се надева дека и во иднина уште поинтензивно ќе соработуваат. За проектот „Ново сонце над Америка“, неговиот тим го изработил видеото, а како резултат на добрата соработка тој пројавил желба да го застапува Боби и пред филмски бизнис-партнери во музичкиот свет.
Серафимовски на македонската јавност ѝ е познат поодамна, уште кога правеше музичка кариера во Македонија во почетокот на 90-те. Боби подоцна реши да си ја проба среќата и во регионот продавајќи свои песни на познати музички ѕвезди, меѓу кои една негова има снимено и балканската фолк дива Цеца.
Подоцна, овој кантавтор се обидува своето авторство да го пренасочи и преориентира, правејќи музика за филмови и други музички проекти во светот. Негови песни веќе се дел од репертоарот на многу познати радиостаници, а исто така компонирал музика за три филма во САД и за еден од познатата „Боливуд“ продукција во Индија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.