Италијанскиот шмекер Ерос Рамазоти направи спектакл синоќа во Скопје. Концертот беше одличен.

Топ сцена, светлото-врв, ласери, чуда, звук феноменален, музичари-опасни…беа коментарите од публиката по завршувањето на концертот.

Пејачот ја воодушеви публиката во Скопје, особено женскиот дел нижејќи ги хитовите Un Altra Te”, “Cose de la Vita”, “Fuoco nel Fuoco”, “Se Bastasse Una Canzone”, “Musica E” и уште многу други.

Бината на која настапи пејачот ја осмислиле со поранешната сопруга Марика, а присутните беа воодушевени од визуелните ефекти кои ги следеа нумерите. Публиката во глас пееше со него, а и оние кои не разбираат италијански уживаа во музичкото и визуелното патување кое го приреди ѕвездата.

Не мора да знаеш совршен италијански за да те допре музиката на Ерос…Не разбравме скоро ништо, но сепак се разбравме. Un’emozione per sempre, коментираше една посетителка синоќа.

 

„Vita Ce N’e” турнејата со која го промовира истоимениот албум, издаден во ноември 2018 година, беше најавена пред повеќе од една година и веќе тогаш беше јасно дека по многу нешта ова ќе биде една од најголемите и најзабележаните турнеи во неговата кариера. Пет континенти, преку 90 концерти, во повеќе од 30 земји, спектакуларна бина, фантастичен бенд и организација на ниво на најголемите светски ѕвезди…тоа се само некои од елементите кои говорат во прилог на тоа дека Ерос овој пат решил на својата публика да и го даде најдоброто од себе!

Петнаесеттина минути по закажаниот термин, Ерос излезе на бината и со големиот хит од новиот албум го почна дружењето со публиката во Скопје. По “Vita Ce N’e” на ред дојдоа “Stella Gemella”, “Favola”, “Ho Bisogno Di Te”, а потоа и големиот хит “Terra Promessa”.

Дека е голема ѕвезда на која и е важен односот со публиката се виде уште на почетокот со неколку реченици кои и ги упати на публиката, низ кои се прoвлекоа „Благодарам“, „Како сте“…а оние кои имаа среќа да се најдат во фан питот можеа да го доптар, да се фотографираат и да пејат со него и од прва рака да се уверат дека на Ерос му е важна комуникацијата со луѓето кои го сакаат. Слегуваше меѓу публиката неколку пати, трчаше од еден на друг крај на бината за да го крене секој дел од салата на нозе.


Ги изведе и “Dove C’e Musica” i “L’ombra Del Gigante”, “Un Attimo Di Pace”, “Un Emozione Per Sempre” и “Quanto Amore Sei”, a после “Buonamore”  и “I Belong To You”, “In Primo Piano” ,”Adesso Tu”, “L’Aurora”, “Una Storia Importante” и “Un Angelo Disteso Al Sole”, “Un Altra Te”, “Piu Che Puoi” и “Se Bastasse Una Bella Canzone”, а потоа вистинско латино размрдување меѓу публиката со хитот “Per La Strade Una Canzone” која ја сними со Луис Фонси.

Сите негови хитови синоќа се пееја. Беше очигледно дека тој е подготвен да се даде себе си, а тоа сепак е резултат на децении искуство, неизмерна љубов кон музиката што ја создава…Секоја емоција стигна на вистинското место, а ритамот ги придвижи оние кои требаше.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.