GREEN BEACH – најпознатиот фестивал за електронска музика кај нас го најави своето јубилејно, десето издание кое по овој повод повторно ќе се одржува со дводневен програмски концепт на 1-ви и 2-ри август – два дена резервирани за најголемата журка ова лето на фестивалската локација кај хотел „Еуротел“ во Струга!

По девет незаборавни изданија покрај Охридското Езеро, GREEN BEACH како синоним за најквалитетно електронско доживување кај нас ја продолжува традицијата на претставување на врвните уметници од светската сцена во зенитот на нивната кариера и премиерно во земјава! Оваа карактеристика на Фестивалот, со својата кариера и тоа како ја исполнува првиот изведувач кој го потврди своето гостување на јубилејното издание: едно од највозбудливите имиња на светската сцена во моментов, техно/хаус тандемот ADRIATIQUE!, соопштуваат организаторите.

Зад Adriatique стојат двајца уметници – Адријан Шала и Адријан Швајзер – кои како веќе етаблирани швајцарски диџеи се запознаваат во 2008-ма година во Цирих, веднаш спријателувајќи се и започнувајќи да творат под името со кое изградија кариера како еден од најконзистентните и најдобрите диџејски и продуцентски тандеми на техно и хаус сцената.

Клучот за нивниот успех е во уникатното меѓусебно надополнување како уметници. Додека едниот е повеќе насочен кон американскиот и детроитски хаус и техно, другиот сепак повеќе се пронаоѓа во германскиот и европски техно звук. Нивните диџејски сетови, како и нивните продукции, се долги и медитативни, секогаш предизвикувајќи го слушателот со суптилни пресврти кои го прекинуваат хипнотичниот грув. Оваа комбинација на различни пристапи во жанрот се покажа како успешна и уште со нивните први изданија беше јасно дека на овој тандем му претстои блескава кариера.

Доказ за нивниот талент и автентичност и веројатно највлијателен момент во нивната кариера е и поддршката од Solomun и неговата издавачка куќа, Diynamic. Изданијата за оваа етикета, но и за Afterlife од Берлин во сопственост на дуото Tale of Us, Culrpit од Лос Анџелес, Wolf & Lamb од Њујорк, Supernature од Лондон, My Favourite Robot од Канада и други, ги одведоа до секоја точка на планетата, најголемите светски бини и клубови како BPM, Amsterdam Dance Event, Sonar, но и резиденција на Ибица. Покрај тоа имаат направено и ремикси за артисти од калибарот на Moby, WhoMadeWho, M.A.N.D.Y, Kraak & Smaak и многу други.

По речиси цела деценија заедничка работа, во 2016 година се исполни и нивната долгогодишна желба: основањето на сопствена музичко-продукциска платформа за уметност, наречена „Siamese“. Водејќи се по девизата дека музиката треба да биде медитација, преку оваа платформа освен што објавуваат сопствена, но и музика на други уметници, „Siamese“ поддржува визуелни и перформативни уметници и организира клупски настани.

Кон крајот на минатата, 2018-та година Adriatique го објавија и својот албум-првенец, а неодамна настапија и во рамки на познатата live-stream платформа „Cercle“ на бајковитите алпски врвови.

„Вооружени“ со своите свежи изданија, ADRIATIQUE доаѓаат премиерно во Македонија на 2-ри август (петок) со настап на втората вечер на GREEN BEACH FESTIVAL во Струга. Наскоро, ќе биде објавен и хедлајнерот за отворањето на Фестивалот, како и деталите за продажбата на фестивалските влезници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.