Диџеј Снејк (DJ Snake), еден од најпопуларните музички изведувачи на светот и автор на низа најслушани глобални хитови, го потврди својот настап на главната бина на ЕГЗИТ фестивалот, во сабота, 6-ти јули! Мегахитовите кои ги потпишува францускиот суперстар, како „Taki Taki“, „Lean On“, „Turn Down for What“ и други успеаја да стигнат до вртоглави осум милијарди „ЈуТјуб“ прегледувања и пет милијарди слушања на „Спотифај“! Најпопуларните светски музичари како што се Лејди Гага, Ед Ширан, Карди Би и Скрилекс се тркаат за соработка со него, а меѓу нив е и Џастин Бибер кој гостуваше на неговата нумера „Let Me Love You“, чии прегледи на видео сервисите веќе достигнаа импресивни 1,4 милијарди!
Неговиот мегахит „Taki Taki“, на кој гостуваат Карди Би и Селена Гомез, за само четири месеци надмина милијарда видео прегледувања, бројка која ниту едно друго видео ја нема достигнато за толкав период! Уште еден рекорд држи со хитот „Lean On“ и групата Мејџор Лејзер, а кој покрај тоа што има повеќе од 2,5 милијарди „ЈуТјуб“ прегледувања воедно беше и најслушаната песна на „Спотифај“ платформата од нејзиното основање! Популарниот парижанец денес е хедлајнер на најголемите светски фестивали, како што се „Коачела“, „Лолапалуза“, „Тумороуленд“ и многу други, каде неретко се наоѓа како единствениот диџејски хедлајнер во ранг со најголемите групи на денешницата, како „Д Килерс“, „Мјуз“ или „Мигос“! Диџеј Снејк е добитник на две „Билборд“ и една „Ем-ти-ви“ награда, а првата „Греми“ номинација му ја донесе соработката со Лејди Гага на албумот „Born This Way“. Поради овие неверојатни успеси, медиумите го споредуваат со неговиот сограѓанин Дејвид Гета, а кога станува збор за ова градско ривалство, интересно е и тоа што Снејк е првиот музичар во историјата кој со директен пренос настапи на славната Триумфална порта во Париз, додека на Петроварадинската тврдина во Нови Сад доаѓа директно од уште еден настап во Франција, и тоа на тврдина од 17-ти век!
Талентираниот Французин со алжирско потекло го објави албумот „Encore“ во 2016-та година, како и вкупно 23 синглови, од кои повеќето се позиционираа на топ листите ширум светот. Последниот во низата, „Taki Taki“, се искачи на Бр.1 позицијата во дури петнаесет земји, додека дури и после четири месеци е на самиот врв на топ листите во целиот свет, вклучувајќи и во регионот. Омаж на неговиот оригинален музички стил даде и магазинот кој претставува Библија во музичката сцена, „Ролинг Стоун“, наведувајќи дека „Диџеј Снејк ја усовршува својата сопствена отровна, непопустлива, архетипска верзија на бас музика, на која можете да скокате горе-долу“. Диџеј Снејк е дел и од „Пардон мај френч“ (Pardon my French), француски диџејски колектив, и основач на сè повеќе популарната издавачка куќа „Премиер Клас“ (Premiere Classe).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.