Овој викенд, на локацијата кај мегалитската опсерваторија Кокино, ќе се одржува третото издание на мултимедијалната културна манифестација „КОКИНО – Тврдина на сонцето“, уникатниот фестивал кој годинава за прв пат е организиран со тридневна програма од 17 до 19 септември.
Во рамки на перформативната програма на „Кокино – Тврдина на Сонцето“ ќе се одржат повеќе од 20 настапи на реномирани уметници од македонската сцена, вклучувајќи ги и концертите на: „Љубојна“, Дина Јашари, Тони Китановски, „Фулиш грин“, Драган и Ратко Даутовски, „Перија“, Сашо Гигов Гиш, „Сетстат“, „Летечки Пекинезери“, Џенгиз Ибрахим, „Чалгија Саунд Систем“, „21 Век“, „Тока Шитет“, Јон Ајди, диџејските сетови на Горан Кан, Флудер, Чарли и уште многу други музички изведувачи.
Покрај концертите, програмата на овој специфичен настан вклучува и театарски перформанси, кино-проекции, но и едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, стрип изложба, ракотворби – сѐ од КОКИНО: Тврдина на Сонцето. Во сите сегменти на настанот, секое ќоше ќе говори за сопствената историја, за уметноста инспирирана од вековите пред и по настанувањето на Кокино, до денес. Мноштвото активности и перформанси кои сред магичниот природен амбиент во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија ќе ни ги претстават стотина различни автори од полето на литературата, уметноста и културата, во величествен тридневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво.
Почетокот на програмата во петок, 17 септември е закажан во 16:30 часот, а ќе трае до 23:00 часот вечерта. Во сабота и недела, 18 и 19 септември, посетителите имаат вистински ретка прилика да го поминат денот на Кокино во прекрасното природно опкружување оплеменето и со програмата на Фестивалот која ќе се одвива од пладне, 12:00 часот па до зајдисонце, 19:00 часот.
БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ И РЕГУЛИРАН ПРИСТАП
Присуството на настанот е бесплатно за посетителите, но поради специфичноста на локацијата настанот ќе биде организиран со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата со возила, поради што ќе биде организиран автобуски превоз и посебен паркинг за автомобили. Имено, за време на настанот по автопатот од месноста „Крст“ кон локацијата на Кокино ќе биде дозволен пристап само за организираниот автобуски превоз и возилата со пропусница т.е. паркинг-билет. Понатаму, од просторот за паркинг на автомобилите, па до самата локација, за посетителите ќе биде организиран бесплатен превоз со комбиња кои ќе циркулираат на секои 30 минути за време на траењето на настанот. Дневните билети за организираниот автобуски превоз (од Скопје и од Куманово) чинат 50 денари (повратен билет за едно лице), а иста цена, 50 денари чини и дневната пропусница за пристап со сопствен автомобил до организираниот паркинг-простор (паркинг-билет за едно возило). Сите овие билети се во многу ограничен капацитет и достапни во продажба онлајн на овој линк.
Фестивалот ќе биде организиран во согласност со актуелните заштитни мерки и Протоколот за организирање на јавни настани.
Проектот „Кокино – Тврдина на Сонцето“ се одржува со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години Независност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.