Твоите мисли и твоите импулси ќе решат кај ќе слеташ, смета Наташа Крстевска – Мијата, македонската пејачка и кантавторка, која неодамна ја промовираше новата песна и спот „Полетај“.

Мијата важи за голем оптимист, па дури и утопист, како што вели таа.

Ме напаѓаат понекогаш пријателите дека „носам розеви очила“. Но јас навистина верувам дека „твојот глас, товите раце и желби, твоите мисли и твоите импулси ќе решат кај ќе слеташ“. Односно, тоа што го мислам и работам го одлучува течението на мојот живот. Ако постојат позитивни мисли и работливи луѓе тогаш подобро утре е неизбежно. Најтешко е кога те опкружуваат неработници кои прават црни сценарија, вели Мијата во разговор за „Република“.

„Полетај“ е музичко дело на Ханс Греис, текстот е на Мијата, а аранжманот на Дамир Пух, кој бил задолжен и за специфичните гитарски делници. Во видео записот како дел од бендот учествуваат Иво Митковски на тапани, Кире Мирчовски на гитара и Ване Ѓорговски на бас гитара.

Мојот колега контролор на летање од Карслруе, Германија, Ханс Греис, кој е автор на музиката на „Полетај“ го запознав минатата година на првиот интернационален музички фестивал на контролори на летање во Италија. Таму настапував како вокалист за групата Control Freaks од Макеоднија, а Ханс како вокалист за групата Kosmik Debris од Германија. Песната насловена „Same old game“ беше дел од нивниот репертоар и јас побарав дозвола да ја преработам истата песна на македонски. Инспирирана од музиката го напишав текстот за „Полетај“ а за аранжман се обратив кај Дамир Пух. Рокерскиот жанр му е многу близок на Дамир кој е светски етаблиран гитарист и нашата прва соработка е повеќе од успешна, вели Мијата.

Видео спотот е дело на „Мелем продукција“, а во режија на Огнен Шапковски.

Снимањето на спотот е една сосема друга приказна. Ханс не знаеше дека воопшто снимам спот за нашата заедничка песна. Во видео приказната покрај мене се Кире Мирчовски на гитара и Иво Митковски на тапани, а кои ме придружуваа и во Италија и Ване Ѓоргоски, кој премиерно свиреше бас во музички спот. Инаку, тој е е наставник по ликовна уметност во ОУ „Ацо Шопов“.  За снимањето на спотот знаевме само дека некој/нешто треба да полета на крај, но идеата околу локацијата, за тоа да биде некоја напуштена и руинирана фабрика беше на Шапковски. На крајот поведени од многу логистички фактори како и прекрасната соработка со „Хемиски Инженеринг“ од Скопје, фирмата која стопанисува со комплексот на „Охис“, се одлучивме за два напуштени погони во оваа фабрика. Околу костимите имав голема помош од дизајнерките Александра Филипова и Сара Реџиќ, како и од Генерал Штаб и Министерството за Одбрана од кои добив одобрение да ползувам многу работи од воен отпад а кои ги искористив во правењето на постапокалиптичните костими, раскажува Мијата.

За неа, македонската музика има само една мака – премала таргет група во светот која може целосно говорно да ја разбере и консумира.

Секоја песна на македонски јазик е „осудена“ да ја разберат и да ја критикуваат мал број луѓе. Забавната македонска музика е во ренесанса. Ослободени од старите норми и инспирирани од светските трендови, македонските музичари творат многу интересни песни во изминативе неколку години. Сега уште секој медиум да воведе задолжителна мак топ листа би било перфектно, завршува Мијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.