Оние кои ја следеа македонската рап-сцена пред десетина години и тоа како се сеќаваат на артистот Александар Петров или пак можеби само Vukac MC – како што повеќето го познаваат. Неговото последно издание беше во 2011 година, со темата „Ова е мојот живот“, каде што раскажува колку му е тежок животот во Македонија и дека нема на што да се гордее. Таа 2011 година Вукац ја промовираше и песната „За тебе зборат”, продуцирана од Никола Тефов (NT Beats) и Зоран Алексиќ – Снупи.
Е, токму тој Александар Петров по цели 10 години пауза повторно се активира, но овој пат од Америка каде што живее веќе неколку години. Меѓутоа сега станува збор за нова рап-песна на англиски јазик, песна која многу наликува на неговата прв рап-песна во Македонија со наслов „Срце во пета“, тогаш продуцирана од Илија Делов, односно Били Ѕвер.
По цели 10 години, Вукац ја обновува соработката со Никола Тефов (NT Beats) и заедно ја создаваат новата песна „Step On The Gas“, во која гостува и SamGotDI, рапер од Њујорк / Бронкс, кој е познат уште во 2000-тите со неговата латинска хит рап песна OLE’ OLE’ OLE’ под името на изведувачот EL GRAN MATADOR. Овој рапер соработуваше и со групата Фуналито, кои имаат две „Греми“ номинации.
Најмногу застанав со музиката поради финансискиот дел во Македонија. Имав огромни желби, но премногу препреки. Ја сакам Македонија премногу, но ете, Господ ми ја почуствува мојата желба и кога ја запознав Даниела мојата сопруга и заедно аплициравме за во Америка. После 10 години се чуствувам дека можам да продолжам со музиката, да креирам слободно и да си го остварам мојот сон, вели Вукац.
Инаку новата песна има кул звук на трап музика, со добар 808 бас и моќни и ударни стихови. Продуцент и композитор е Никола Тефов од Њу Џерси кој го носи името NT Beats. Исто така текстописци се Никола Тефов (NT Beats), Сем Серати (SamGotDI) и Александар Петров (Vukac MC).
Александар за во иднина вели дека ќе има нови песни на англиским но и македонски јазик, а исто така најавува и соработки со артисти кои ќе изведуваат на своите матични јазици од Јужна Америка, Африка, Балканот и Азија.
Песната „I Step On The Gas“ официјално беше објавена на 25-ти декември и тоа на сите платформи вклучуваќи VEVO, Apple Music, Spotify, Tidal и сите останати. Дистрибутор и публишер е NT Music.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.