Најдов искрена љубов во Македонија, сретнав драги луѓе, разговарав, свирев, јадев со нив. Ви благодарам на сите, да сте благословени, -со овие зборови, светската музичка ѕвезда  Лени Кравиц им се обрати на огромниот број посетителите на концертот

Настапот на Кравиц траеше нешто повеќе од два часа. Најпрвин беа најавени точно два часа, но четирикратниот добитник на највисоките музички награди „греми“, кој со години ги освојува светските топ листи со своите хитови повторно се врати на сцената во „Борис Трајковски“ и продолжи да ја дели енергијата со присутните.

Колку убаво звучите, ве сакам и ќе се вратам во Скопје, сигурно, уверуваше Лени. пред крајот на концертот.

 

Настапот во Скопје е во рамките на европскиот дел на турнејата „Raise Vibration“, што почна на 28 април во Љубљана, а вечерва ќе настапи во Софија. Кравиц на сцената беше придружуван од извонредни музичари, дувачка секција, придружни вокали. Публиката имаше прилика да слушне пет песни од новиот албум, од кои, секако се издвојува „Low“, која и беше најпозната, додека Изведбата на новиот материјал, кој не и беше познат на публиката беше придружен со овации.

Браќа и сестри сите луѓе треба да го живеат животот без да го уништат светот и да се трудат да се обединат само за добри цели, истакна Лени и заедно со дувачката секција ја изведе „Get up, stand up“.

Кулминација на настапот беше моментот кога тој се симна меѓу публиката, и можеби му направи проблем на обезбедувањето бидејќи беше бурно поздравен со овации, вресоци, молби за фотографирање, но Лени со овој гест уште еднаш покажа дека е голема музичка ѕвезда-трпеливо разгивараше, застануваше да се фотографира, се поздравуваше со возбудената публика. Го обиколи целиот партер и на крајот се качи на помалата сцена од спротивната страна и со тоа беше побчиску до публиката.

Ја чувствувате ли и вие оваа енергија, оваа љубов, рече тој додека неколку минути ја изведуваше „Let love rull“, заедно со публиката во еден глас.

Во Скопје синоќа во живо имавме привилегија да ги слушнеме „We can get it all together“, „Fields of Joy“,„American Woman“, „Dig in“, „Who Really Are the Monsters“, „Stand By my woman“, „Bring It On“, „Dig In“, „Let Love Rule“, „Freedom Train“, „I belong to you“, „Can’t Get You Off My Mind“ , „Mr. Cab Driver“…а врвот беше изведбата на големиот хит „Fly Away“ кога сите раце на присутните беа кренати, а атмосферата се загреа со „Are You Gonna Go My Way“ кога целата арена се тресеше од добри вибрации. Тоа беше и официјалниот крај на концертот, а на бис Лени ги испеа баладите: „Here to love“, „Stillness of Heart“ и „Аgain“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.