Утринава на 65-годишна возраст од компликации од ковид-19 почина Драган Вучиќ, познатиот музичар, водител и шоумен.

Вучиќ имаше плодна музичка кариера, која ја почна во групата „Кода“ („Ника, ника“, „Јана, Јана“), па продолжи во „Тавче гравче“, со која имаа голем број хитови. Јавноста најмногу ја памти „Пеј брате“, а во тој ранг се и „Ме сакаш, те сакам“, „Еј срце мое“ .

Потоа следеше период на соло кариера и хитовите „Кате мори Като”, „Твојте очи шараат”, „Нигде нема таква љубов”, „Твоите очи зелени”….

Со „Тавче Гравче“ имаа настап и на Фестивалот „Макфест“, а највпечатлива беше изведбата на „Дени“.

Голем број од хитовите на македоснката поп и фолк сцена биле компонирани токму од него. „Свирете ја Зајди зајди”, „Ангели ме носат”, „Кажи ѕвездо”, како и на песната „Мake my day” со која неговиот син, Мартин Вучиќ ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2005 година.

Во 1993 година станува дел од „Сител“ телевизија, а година дена подоцна го започнува легендарното шоу „Вашите 5 минути“. После тоа следеа и други „Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“… Последниот негов тв-проект е „Гурмански муабети“.

Неговата сопруга Весна е ќерка на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасоски, а син му Мартин е пејач и директор на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.