В недела (29 декември) со почеток во 20 часот во Денсинг салата во МКЦ ќе се одржи концертната промоција на албумот насловен „Bedtime Stories“ на младата група Lincoln Letter. Влезот е слободен за сите посетители.

Lincoln Letter се млад рок бенд од Скопје кој неодамна го издаде својот прв албум насловен „Bedtime Stories“. Нивната музика е инспирирана од музиката на вестерн филмовите и е отсвирена во современ рок формат. Албумот содржи 12 песни – секоја од нив со посебна вестерн приказна. Снимен е во 2019 година во Скопје и Куманово, а продуценти се Ади Имери, Милош Краљевски и самиот бенд.

Ќе излажеме ако кажеме дека не сме возбудени пред нашиот прв самостоен концерт. Промоцијата на албумот е настан кој уште од почетокот на бендот ни бил една од главните цели и радости. „Bedtime Stories“ е нашиот прв албум и со нетрпение чекаме конечно да го споделиме со публиката и да ги чуеме нивните реакции, бидејќи до последен момент го работевме со сите наши креативни потенцијали. Ветуваме дека ќе е многу гласно, вели фронтменот Јаков Наумоски.

„The Man Who Became Legend“, е нивниот прв сингл и спот – сниман како вестерн филм, чија промоција беше на 29ти ноември во Public Room во рамки на Skopje Design Week.

По точно еден месец следува првата можност да се слушне целиот албум во живо во Денсинг салата на МКЦ, а после концертот ќе бидат достапни и бесплатни download кодови за албумот.

Со силен фокус на раскажување приказни и решителност да „изрокаат“, Lincoln Letter се: Јаков Наумоски, Јулијан Мицевски, Борјан Гаговски и Стефан Сајковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.