Босанската ѕвезда на севдахот Амира Медуњанин, ќе одржи ексклузивен концерт во Македонија на 9 август во Античкиот театар во Охрид, во организација на „Авалон“.

Капацитетот на Антички театар којшто е со 2.500 седишта ќе биде искористен за максимум 1.200 посетители, поради почитување на протоколите превземени, за заштита од Ковид 19.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба исклучиво онлајн на аvalon.mk од среда (08.07) во 09 часот наутро, по следниве цени и категории: 1.000 денари (трибини), 1.500 (ВИП партер), 1.500 (ВИП трибини).

Амира Медуњанин е една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи постојано добива одлични музички критики, додека музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарече босанската Били Холидеј, алудирајќи на начинот на кој Амира си „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години.

Неодамна излезе и нејзиниот најнов студиски албум со наслов „For Him and for Her“ во издание на Кроација Рекордс, посветен на двете легенди на кафеанската музика Тома Здравковиќ и Силвана Арменулиќ, кој за брзо време стана апсолутен хит на дигиталните платформи, а и во Охрид ќе биде премиерно претставен пред публиката со неколку нумери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.