Познатиот британски музичар и поранешен член на „Битлси“, Пол Макартни, на 11 декември годинава ќе го издаде својот албум „McCartney III“. Се работи за нова колекција песни напишани, отсвирени и продуцирани од Макартни, точно половина век по неговиот прв соло-албум.

Новиот албум е издаден од „Капитол рекордс“, а снимен во Сасекс, на југот на Англија. Како и другите два албума со слично име, „McCartney“ од 1970  и „McCartney II“ од 1980 година, сега веќе 78-годишниот музичар и овој го сработи сам.

Живеев „заклучен“ на мојата фарма со моето семејство и одев во студиото секој ден. Морав да работам на филмска музика, и така настана првата песна. Кога ја завршив, се прашував што натаму – изјави Макартни за магазинот „Ролингстоун“.

Како што вели музичарот, потоа се вратил на полузавршените секвенци што ги создавал со текот на годините.

Секој ден го почнував со снимање на инструментот на којшто сум ја напишал песната и постепено правев нови слоеви… Беше многу забавно. Тоа беше создавање музика за себе, а не за некоја цел. Правев работи што сакам да ги правам и не знаев дека тоа ќе заврши како албум – вели Макартни.

Пол Макартни го објави својот претходен албум „Egypt Station“ 2018 година, а неговата последна турнеја се случи минатата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.