Познатиот српски пејач Џеј Рамадановски почина денес на 56-годишна возраст.

Роден е во големото семејство на чевлари на Мазлам и Барија Рамадановски во општина Ресен. Неговиот татко Мазлам бил роден во ресенско, а по завршувањето на Втората светска војна со семејството се преселил во Белград, во населбата Дорќол.

Мазлам бил чевлар, а во слободното време свирел кларинет во Културно уметничкото друштво „Никола Тесла“. Токму таму ја запознал мајката на Џеј, Барија, која работела во комуналното претпријатие ,,Зеленило”.

Од нивната љубов во 1965 година се родил Џеј. Родителите му се развеле кога неговиот татко решил да се пресели во Австралија. Џеј останал да живее со неговата баба по мајка, Даница, додека неговите сестри го продолжиле животот заедно со мајката.

Бидејќи западнал во лошо друштво, социјалната служба го однела во дом за малолетници, каде поминал девет години, но успеал да заврши автолакерски занает.

Големиот пресврт во неговиот живот се случил кога имал 22 години, откако започнал да пее во ,,Клубот на народњаците”. Се запознал со голем број на музичари, а судбинско било познанството со текстописецот Марина Туцаковиќ и композиторот Александар Радуловиќ – Фута.

Во 1987 година со песната на Туцаковиќ, „Зар јас да ти ги бришам солзите” тој настапи на фестивалот МЕСАМ и неговата музичка кариера започна да се движи по нагорна линија.

Тринаесет музички албуми, десетици компилации, турнеји низ светот, настапи за кои се бара влезница плус, Рамадановски речиси преку ноќ стана голема музичка ѕвезда. Сепак, и во екот на својата популарност, тој никогаш не забораваше со гордост да го спомне своето македонско потекло.

Од таму ми е фамилијата, ја сакам Македонија, знаеше да каже во интервјуата кои ги давал во минатото.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.