Илинка Скаловска е автор на музичка обработка на народната песна „Ој месечино“ која деновиве се појави и со видео запис. Аранжманот, изведбата и режијата се на Скаловска, снимател: Никола Нацев, монтажа: Илинка Скаловска и Никола Нацев.

Видеото може да го погледнете на следниов линк.

Оваа моја музичка обработка на народна песна е мое прво дело од ваков вид. Претходно имам изведувано и компонирано дела од други жанрови, но сега добив желба да создадам композиција кој го вклучува македонскиот народен мелос и народните инструменти, така што ова мое дело е некој вид на комбинација на народна музика со тип на вокална изведба која се доближува на стилот на забавната музика и во исто време соджи и елементи и инструменти кои се карактеристични за класичната музика. Желба ми беше да направам дело од софистициран тип кое во себе ќе ги содржи нијансите на нашата народна музика, но на еден нов, изменет начин без целосно да влезе во рамките на чистата народна музика. „Ој месечино“ е песна што од секогаш ми се допаѓала и ме инспирирала и затоа решив токму таа да биде моето прво дело од ваков вид, на кое, се надевам, ќе му следат и неколку други, вели Скаловска.

Илинка Скаловска своето музичко образование го стекнала во музичкото училиште во Скопје, каде се здобива со нижото музичко образование-инструмент клавир и средно музичко образование-теоретска настава. Заминува на студии во Италија, каде дипломира композиција и хорско диригирање на музичкиот конзеравториум во Падова, додека магистратурата ја завршила на конзерваториумот во Венеција. Образованието го надополнува со студии по пеење кои успешно ги завршила на конзерваториумот во Виченца.

Досега настапувала како пејачка-хористка или солистка во повеќе хорови во Италија и во Македонија, но и како диригентка. Била дел од хорот „Менада“ од Тетово со која настапила на фестивалот „ТЕХО 2019“ на кој се одбележаа 100 години од раѓањето на композиторот Тодор Скаловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.