После низата ударни гитарски бендови и најголеми ѕвезди на електронската музика, ЕГЗИТ ова лето ќе го собере и најголемото хип-хоп племе со доволно имиња да прогласи фестивал за овој музички жанр на тврдината од 4. до 7. јули! Оваа постава ќе ја предводи британскиот крал на римите, раперот и активист Скепта (Skepta), единствениот ем-си кој успеал лондонскиот уличен звук да го популаризира во Америка, што го потврди и со планетарниот мегахит „Praise the Lord”, кој го сними со Ејсап Роки (A$AP Rocky). Меѓу неговите обожаватели јавно се декларираат и голем број познати личности, како што се Мик Џегер, со кој сними заеднички сингл и Дрејк, кој ги истетовира иницијалите на издавачката куќа на Skepta, „Boy Better Know”! Повеќекратниот добитник на „БРИТ“, „БЕТ“, „Меркјури“, „МОБО“ и „Ен-Ем-И“ наградите исклучително го цени и Фарел Вилијамс, кој му го продуцираше хит албумот „Konnichiwa”, како и Наоми Кембел, со која беше во врска. Од британскиот остров доаѓа и феноменалната Ај-Ем-Ди-Ди-Би (IAMDDB), која моќниот „Би-би-си“ ја смести на листата на изведувачи чиј звук ја одбележа минатата година, додека нејзините трап-џез бенгери „Shade“, „Drippy“ и „Kurr£ncy“, денес се неизоставни на најдобрите хип-хоп и аренби журки. За големото неделно финале на главната бина ќе се погрижи беспрекорниот Дизајнер (Desiigner), творец на најзаразната хип-хоп песна во оваа деценија, „Panda“, која стигна на самиот врв на американските топ листи и до денес изброја дури 1,3 милијарди прегледи на Јутјуб!

И оваа година, во духот на своето име, сите жанрови ќе ги помеша култната „Адико Фјужн“ бина, а на неа доаѓаат балканската рап кралица Сајси Ем-Си (Sajsi MC) и неповторливото раперско трио Бед Копи (Bad Copy)! Своевидниот хип-хоп фестивал во фестивалот низ сите четири ноќи на ЕГЗИТ ќе се прошири и на „Кокта Битс“ бината, нова задолжителна дестинација за сите рап фанови, која од оваа година ќе има само изведувачи од овој жанр! Нејзиниот ударен тим го предводат моментално најголемите регионални хип-хоп ѕвезди меѓу кои како претставници на македонската сцена ќе настапат Ајри Скреч и Шорти Пи (Irie Scratch & Shorty P), но и Војко В и Крешо Бенгалка, популарните регионални состави Aтлас Еротика, Бекфлеш, Бунтаи, Хејз, Хај5, И.Н.Д.И.Г.О, Кранкшвестер и 30Зона, но и новите таленти Клинац и Елон, чија ѕвездена кариера е и повеќе од извесна. Најголемиот генг на тврдината ќе ги собере и најпопуларните диџејски колективи и мајстори зад микс пултот, Ватра, Кејк Бојс (Cake Boys), ФАМ, Бајко Феликс, Диџеј Лаки и Диџеј Рокам, Палас (Palace), Траплес (Traples), Лука Браси, ПЛИЗ (PLYZ), Њу Вејв (New Wave), Ин Да Клаб (In Da Klub), Трепај или крепај, Васке, Јунг Рош (Yung Rosh), Зимски и Лил Јунг (Lil Yung)!

Додека тогашната музичка индустрија му вртеше грб на уличниот феномен – „грајм“ музиката, „Скепта“ стана најпознат претставник на овој стил, кој многумина го нарекуваат и новиот панк! Помина повеќе од деценија откако тој го залуде светот со карактеристичниот танц од спотот „Rolex Sweep”, а оттогаш ги собра и престижните трофеи како „Меркјури“, БРИТ, БЕТ, МОБО и „Ен-Ем-И“ наградите. Се најде и на влијателната „Џи-Кју“ листа на најдобро облечени познати личности, а на насловната на овој магазин минатата година беше со супермоделот и негова поранешна девојка, Наоми Кембел. „Скепта“ непрестано зборува за актуелната социо-политичка клима и жешката тема за расизам во светот, поради што многумина го нарекуваат активист, а не класичен рапер. Во својата богата биографија го запиша и дуетот „England Lost“ со фронтменот на Стоунси, Мик Џегер, додека Дрејк, негов голем пријател и почитувач, често знае преку своите текстови да му оддаде признание на лондонскиот ем-си.

Влијателниот хип-хоп магазин „Икс-Икс-Ел“ го прогласи „Дизајнер“ за нова хип-хоп ѕвезда на „Freshman Class” листата за 2016 година, а само неколку месеци подоцна музичарот го објави мегахитот „Panda“ и го собра „Билборд“ трофејот за најдобра рап песна! Го забележа и Кање Вест, кој со својата издавачка куќа „G.O.O.D. Music“ се потпиша зад неговите нови синглови „Soul“ и „Earned It“. Се нижеа и други милионски нумери, како „Tiimmy Turner” и „Liife”, на која се наоѓа и трап легендата „Гучи Мејн“ (Gucci Mane).

Доказот дека Манчестер не е град само на брит-поп музиката доаѓа во обликот на младата уметница „Ај-Ем-Ди-Ди-Би“ (IAMDDB), чиј псевдоним е кратенка за „I Am Diana Debrito“ (Јас сум Дијана Дебрито), која себе се нарекува „дете на трап и џез музиката“. Оваа бестрашна дама се позиционираше на високото трето место на „Би-Би-Си“ листата „Sound of 2018“, а нејзиното име се најде и на престижната „Форбс“ листа на највлијателни 30 млади европејци кои имаат помалку од 30 години.

Сè побргу исчезнува серијата на ЕГЗИТ влезници по цена од 3580 денари, која продолжува да носи високи заштеди од 55% во однос на финалната цена! Актуелната цена на влезниците за првиот фестивалски ден, кога настапуваат „Д Кјур“, сега изнесува 1800 денари за партер и 3580 денари за ФАН ПИТ. Моменталната цена на ГОЛД ВИП влезниците за првата ноќ е 6515 денари. Влезниците за ЕГЗИТ можат да се набават преку МкТикетс во македонија, официјалната страница exitfest.org, а на сајтот на официјалната туристичка агенција на фестивалот EXIT Trip, во продажба се и туристичките пакети кои опфаќаат влезница, сместување и превоз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.