Хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо синоќа на концертот во салата на Македонската филхармонија ја забавуваше публиката цели 2 часа. Експлозија од аплауз доби пред да го изведе големиот хит „Ако ме питају“, кога рече:

 Ви благодарам Скопје, ви благодарам Македонија. Можеби требаше да го кажам новото име, но некои работи се менуваат на хартија, а за мене Македонија останува во моето срце.

Во интимна атмосфера, три концерти исполнети до последното место, средбата на Грашо со скопската публика, во текот на цели два часа протече во заедничко пеење и играње, фотографирање… Одекнуваа најпознатите хитови на талентираниот Далматинец: „Ако те питају“, „Увик исти“, „Моје злато“, „Љубав једне жене“, „Ко нам брани“, „Уторак“, „Не знам за се“…

По настапите во големите сали и арени посакав да одржам серија концерти во помали, поинтимни простори, како што е овој, прекрасната, акустична сала на Македонската филхармонија. Искрено, за мене едни од најуспешните и незаборавни концерти се токму оние три што заедно со Оливер Драгоевиќ, ги одржавме пред десетина години во скопската Универзална сала. Секогаш се радувам на доаѓањето во Скопје, во Македонија, кај моите пријатели, па иако можеби звучам патетично, оваа атмосфера, емоциите што сите ги почувствувавме вечерва, не може никој да ги негира, рече Грашо.

Тој раскажа за дружењето и соработката со Оливер Драгоевиќ, Тончи Хуљиќ, Дорис Драговиќ…За помошта која ја добил од Оливер Драгојевиќ и љубовта кон Скопје и Македонија која му ја пренел.

Тој многу сакаше да доаѓа овде. Секогаш концертите ги одработуваме со еден ден порано доаѓање, вечера со организаторот, тонска проба, концерт и потоа дома или во хотел. Но, пред концертот во Скопје, Оливер ме повика неколку дена порано и мирече, Ова е Македонија, треба да се подготвиме…И навистина добро се подготвивме, раскажа Грашо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.