Да, јас сум роден во Македонија и верувале или не, јас сум еден од најгордите Македонци, но музиката тоа е мојот искрен пасош, вели Васил Гарванлиев во интервју за Дојче веле запрашан како се чувствува со оглед дека има двојно државјанство македонско и бугарско што предизвика бурна реакција во јавноста и петиции за негово изземање од настапот на Евровизија.
Како човек со огромно срце, искрена душа, полна со приказна и музика. Да, јас сум роден во Македонија и верувале или не, јас сум еден од најгордите Македонци. Но, факт, фамилијата не си ја бираме, роднините не си ги бираме. Мојата баба, мајка на мојот татко, кои не се со нас, е родена во село надвор од Петрич. Не се извинувам за тоа, горд сум и на тоа. Јас сум Македонец. Каде и да настапував, пред и позади сцена, Чикаго, Лондон, Париз, сите ме знаат како Македонецот Васил Гарванлиев. Музиката, тоа е мојот искрен пасош. Јас сум амбасадор на музика, полн со приказна, корени и нема никогаш да се извинам за тоа, вели Гарванлиев.
На прашањето дали станал свесен дека во Македонија музиката не е ослободена од влијанието на политиката, тој вели дека тоа е лекција која ја учи.
Ова е лекција која ја учам, ќе ја научам и памтам цел живот. Жално е што кај нас политиката е вмешана буквално во секоја сфера, а сите ние ги знаеме последиците од сето тоа. Видете каква година поминавме, ковид. Да, најлесно е да кажеме откажи го тој натпревар, откажи го тој настан, но што ќе постигнеме со тоа? Клучот за мене е човечноста. Што имаме да кажеме. Да може да застанеме и… што, што ќе биде. Не! Време е да застанеме заедно, да тргнеме сѐ настрана. Уметноста, музиката и спортот е тоа што ја води и крева една нација. Свесен сум што доаѓа во мај за мене. Застанете со мене, зошто јас застанувам за вас. Песната не за џабе се вика „Овде стојам“. Поминав многу, многу, овде стојам со отворено срце, ѕидови се урнати и ви се давам вам. Пеам за вас, пејте и вие со мене, вели Гарванлиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.