Младински културен центар (МКЦ) ги најавува енергичните „Риб“ за затворање на овогодинешната програма на „Здраво млади“.

Домашното трио има фантастичен нов албум во 2019 година, од кој проникна некрунисаниот хит на годината, „Rotator“ а ова ќе биде уникатна прилика да ги слушнеме и видиме Rib на сцена, заедно со David Best (Fujiya & Miyagi), во изведба на гореспоменатиот хит.

„Риб“ се Јане Трајковски на гитара, Џано Куч на тапани и Ивица Димитриевиќ на гитара и бас.

Необременети од за нашите бендови анахроната потреба да се биде „значаен” и „социјално-политички ангажиран”, Rib суверено владејат со post punk/new wave просторот, чисто на сонична база. Токму отсуството на лузерската потреба да се биде релевантен/независен колку да се допадне на потенцијалната алтернативна публика е нивното најсилно орудие. Својот кул го градат на чисто звучен градежен материјал, кој од албум во албум е се поубедлив. Оваа здрава амбиција е редовно поткрепена со винилни изданија, нивно модерно копаничарство кое остава неизбришлив траг на сериозност, напиша Мирко Попов во една од неговите рецензии.

Оваа година неуморното трио го издаде третиот студиски албум, насловен едноставно „Риб“. Сниман од страна на Ален Хаџи-Стефанов, миксот, продукцијата и мастерингот е дело на Ben “Faz” Farestvedt од Англија.
Деветтото издание на фестивалот на нова музика, „Здраво млади“ е закажано за 31 август, во паркот на МКЦ. Билетите се достапни само на билетарница во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.