По овогодишното, според бројни параметри и свое најуспешно издание досега, ЕГЗИТ Фестивал следната година, од 9-ти до 12-ти јули ќе го прослави јубилејниот, 20-ти роденден! Петроварадинската тврдина следниот јули ќе биде во центарот на внимание на музичката јавност, каде што на повеќе од 40 бини и зони ќе се соберат некои од најзначајните музички ѕвезди на денешницата, но и неколку одбрани изведувачи од претходните две децении на ЕГЗИТ (EXIT), чии настапи засекогаш станаа нераздвоен дел од историјата на Фестивалот.

Под симболичниот слоган ЕГЗИТ 2.0, фестивалот го означува почетокот на својата нова ера, со која најавува бројни иновации во сите области на своето делување.

Целиот ЕГЗИТ тим, заедно со бројните наши пријатели и соработници, решен е да ги надмине дури и претходните рекордни години зад нас, за токму следната година да го донесе досега најдоброто издание и еден нов ЕГЗИТ, спремен за наредните дваесет години! изјави по овој повод Душан Ковачевиќ, основачот на Фестивалот.

Претстојното фестивалско издание, како и кампањата која го следи, ќе го слави единството на наизглед сосема различните фанови на Егзит, од панкери и металци до рапери и рејвери, преку публиката од сите краеви на регионов, па сѐ до оние кои преминуваат и цели океани за да стигнат во Нови Сад и со тоа да потврдат зошто популарното британско списание „Диџеј Маг“ вели дека ЕГЗИТ е „повеќе од фестивал и повеќе од бренд, едно движење и култура сама по себе“.

Со објавата на датумот, закажан е и стартот на продажбата на влезниците за петок, 22-ри ноември, точно на пладне, кога исклучително ограничен број на влезници ќе бидат достапни по подарок цената од 3.700 денари што е заштеда од дури 55% во однос на нивниот финален износ! Првите влезници секоја година се распродаваат за само неколку часа, а нивната следна цена и сега ќе биде автоматски зголемена откако најбрзите ќе го разграбаат овој прв контингент. Влезниците ќе се продаваат преку сајтот www.exitfest.org и преку МкТикетс, официјалниот „тикет-сервис“ за Егзит во Македонија.

Првите изведувачи за ЕГЗИТ, но и за останатите фестивали во организација на ЕГЗИТ тимот, како што се Sea Star во Умаг во Хрватска, Revolution во Темишвар во Романија и Sea Dance во Будва во Црна Гора, ќе бидат објавени наскоро. Сите љубители на фестивалот може да очекуваат некои од најактуелните изведувачи на светската музичка сцена во комбинација со проверени имиња и со исклучително голема разновидност на музичките жанрови, по што ЕГЗИТ е прочуен на светската фестивалска сцена, велат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.