Прва асоцијација на Велигден, покрај обоените јајца, се разбира, секогаш е Џокси и неговата песна „На Велигден сум се заљубил“. Кога наближува Велигден, најпуштана песна е антологиската „На Велигден сум се заљубил“. Џокси има и други песни, но секогаш го препознаваат и го поврзуваат по овој велигденски хит.

Чести се коментарите од типот: „Власт може да се смени, ама Џокси за Велигден не го менува никој!“ . А многумина ја нарекуваат и велигденска химна, без која не смее да помине празникот. Неспорно е дека песната која тој ја направи ќе остане запаметена како една од најубавите македонски песни и Џокси не крие дека навистина му годи што народот ја прима со воодушевување и него како автор го поврзуваат со најголемиот верски празник.

Тој е генијален, уникатен и неповторлив. Направи хит кој секој Велигден го слушаме, а го сретавме во кафуерто „Либертас“ во Трговскиот центар „Буњаковец“, каде ни ја раскажа приказната за тоа како навистина настанала песната, каде се снимала и како била преработена.

Главната инспирација за оваа песна доаѓа од баба ми, Уранија и нејзината приказна за тоа како нејзиниот татко, мојот прадедо ги враќал два пати стројниците на дедо ми, кои упорно ги праќал на Велигден. За неа ме поврзува уште еден многу битен момент. Во комунизмот не се одеше во цркви за да се кршиме со јајца, туку ние бегавме преку прозор за да не не види татко ми и заедно со баба ми одевме во црква, палевме свеќи и се враќавме назад, ја започнува Џокси својата приказна.

Следен момент кој е важен за да се надополни мозаикот и да се добие целосната слика е неговото присуство на Брач.

Живеев долго во Бол на Брач, скоро 8-9 години, а таму имаат едно континентално место се вика Селца. За Велигден кај нив се одржува процесија и таа година ми се случи нешто што јас прв пат го видов во мојот живот. Процесијата всушност значи да се направи колона од луѓе која беше долга 10 километри, а јас им се придружив со цигара во колоната и една баба дојде ме фати за рака и ми рече: „Ти не си од овде, зар не?“ Ми кажа дека не смее да се пуши додека се движи процесијата и кога слушна дека сум Македонец, ме фати за рака и ме однесе во првиот ред на клупите на католичката црква. Тој настан ми остана врежан во мислите како мошне пријатно, незаборавно искуство, објаснува Џокси.

Потоа се враќа во Скопје каде 20 дена не излегол од дома.

Не стануваше збор за некаков притисок, туку имав време и простор да размислам за себе, односно што со себе. Се вратив во Сплит и кога се распадна Југославија ја направив песната и му се јавив на Тоше Поп Симонов за да ја снимиме. Но, тој заедно со неговата сопруга беше на Крит, каде го префрлил целото студио. Седнав во авион заминав за Крит, кога пристигнав таму, наидов на ситуација во која Тоше и неговата жена беа загрозени од однесувањето на Грците и нивните шеги дека ние не постоиме, дека Македонија како држава не постои и јас седнав ја отсвирив песната што ја напишав и со тоа им ја вратив жарта и страста, и така ја снимивме првичната верзија на песната „На Велигден сум се заљубил“, продолжува Џокси.

Оригиналната верзија на песната е напишана во деведесеттите години, а за Велигден 2008 година, Ламбе Алабаковски го препеа овој хит, кој во времето кога Џокси ја снимил најпрвин не била прифатена и донекаде била и забранета за јавна изведба, па со демократизацијата на Македонија, во почетокот на деведесеттите години бил првпат изведена. Во преработката која ја пее Ламбе Алабаковски дел од песната е изменет и од љубовна таа станува патриотска песна.

Така, антологиската песна на Џина Папас-Џокси, „На Велигден сум се заљубил”, по дваесетина години од нејзиното објавување повторно стана актуелна благодарение на новата верзија, која ја отпеа поп-пејачот Ламбе Алабакоски. Новата верзија на песната беше дел од проектот „Песни од татковината” во продукција на радио „Бубамара“, а за новиот аранжман беше задолжен продуцентот Дарко Димитров. Интересно е тоа што во оваа преработка се најде и една нова строфа во која се опфатени актуелните случувања во Македонија во последните неколку години.
Дополнителните стихови ги напиша Џокси во соработка со текстописецот Огнен Неделковски и сопственикот на радио „Бубамара“, Ранко Петровиќ.

Дарко Димитров, кој е продуцент и композитор на новата верзија, тогаш изјави: „Беше многу интересно да се направи спој на нешто современо со нешто што се работело во тие години, да ставиме нешто и од нашиот фолклор. Успеав да направам трик и од оригиналната песна да ги извадам гајдите и да ги вметнам во новиот аранжман.“, додека Ранко Петровиќ од радио „Бубамара“, сметаше дека „ тогаш бил вистинскиот момент да ја направат и онаа трета строфа која вели: „Пеј мој народе македонски, секаде каде што си населен…“

Првиот впечаток на Ламбе Алабаковски, кој ја изедува новата верзија на хитот „На Велигден сум се заљубил“ беше:„ Искрено сум фасциниран и многу задоволен од тоа како изгледа песната во целина. Песната сама по себе е легенда. Таа секогаш ќе остане запишана во музичката историја на македонската музика.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.