„Сладок си мој животе“ е насловот на најновото музичко парче на момците од Дрим тим. Станува збор за проект зад кој стојат Коки Коцев како автор на музиката, Орце Зафировски, чиј е текстот, и Ангел Ќосев кој го потпишува аранжманот. Песната, која добро ќе ве размрда во овој претпразничен период е снимена во студиото Подрумот, додека видеото е направено за време на американската турнеја на Дрим тим.
-Велат спонтаните работи се најубави, така излезе и со спотот за оваа тема. Идејата се роди случајно, сакавме убавото патување во САД, а за време на кое имавме можност да се видиме и дружиме со наши драги луѓе да го овековечиме со спот, и така и се случи. Песната е убава, позитивна, па сакавме и целата атмосфера во спотот да биде таква, велат момците од Дрим тим.

И тука не завршуваат новитетите од нив – наскоро ќе следува и продолжението од проектот Етно Балкан, односно вториот дел, кој повторно се работи во режија на маестро Велков и Дрим тим. Во завршна фаза се и инструменталните дела на Никола Коцев – труба, кој за следната 2019 година најавува албум; Александар Ангелов – кларинет, како и Сашко Велков, кој подготвува нова композиција што би требало да биде промовирана во исто време со спот. Нов материјал, односно нови песни од веќе проверената екипа – С. Велков, Н. Коцев и А.Ќосев, се подготвува и за вокалот Дејан – Чуле.
До премиера и промоцијата на најавените проекти и сето она на кое момците веќе извесно време работат со полна пареа ќе следуваат гостувањата низ Европа, односно дочекот на Новата 2019 година во Германија, и репризата односно одбележувањето на Василица во Швајцарија каде Дрим тим се на 12 и 13 јануари.
Јаготка на шлагот во следната 2019 година или заокружување на една приказна ќе биде јубилејниот концерт на составот, кој е замислен како убаво патување низ кариерата и една голема дружба со колегите со кои соработувале. Се вели ’денот по утрото се познава’, па ако имаме вака набиена агенда за стартот на 2019 што ли се ќе се случи до крајот на годината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.