Мад Морганфилд, најстариот син на еден од најславните блуз имиња на сите времиња, Мади Вотерс, ја предводи листата на учесници на годинашното 4. издание на скопскиот Котон блуз фестивал. Фестивалот ќе се одржи на 24 и на 25 мај во Младинскиот културен центар. Билетите се веќе во продажба и можат да се купат преку сајтот на МКЦ.

Фестивалот ќе го отвори маестралниот гитарист Мухамед Ибрахими на 24 мај во 20 часот. Станува збор за тешко дефиниран музички феномен, барем според постоечките музички норми, па ќе речеме дека во него има многу домашен блуз со подмножества од џез, ворлд, етно.

Истата вечер ќе настапат „Троја бенд“, чиј специјален гостин на вечерта ќе им биде македонски гитарист Игор Атанасоски, попознат како Гуру Харе.

Првата фестивалска вечер ќе кулминира со настапот на данското трио „Трејнмен блуз“, добитници на повеќе европски блуз-награди и познати по тоа што имаат современ пристап со соул зачин на изведба на блуз музиката.

Ади Имери, гитарист и мултиинструменталист, ќе ја отвори втората вечер на 25 мај во 20 часот. Тој ќе настапи со соло-перформанс инспиририран од американската госпел песна популаризирана од Блајнд Вили Џонсон (Blind Willie Johnson), кој го посветил животот на свирење госпел и блуз музика.

Фестивалот ќе го затвори специјалниот гостин од Чикаго, Мад Морганфилд, со енергичен чикашки блуз звук, кој ќе биде спој од неговиот авторски материјал со песни на неговиот култен татко Мади Вотерс. Бендот што ќе го придружува се локалните музичари, Никола Петровски (гитара), Сашо Ѓорѓевски (усна хармоника), Оливер Јосифовски (бас), Горан Попоски (тапани) и Филип Димишковски (клавијатури).

Билетите може да се набават онлајн, преку сајтот на МКЦ, а сите средства добиени од продажба на влезници ќе бидат донирани во хуманитарни цели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.