„Си Денс“ Фестивалот започна синоќа на плажата Буљарица кај Будва. Посебниот ден, оваа сезона додаден за да се збогати фестивалската понуда, ги донесе фантастичните и исклучително инспиративни настапи на Медуза и Сатори, како и рок-великанот на овие простори Бајага и неговите „Инструктори“. Хедлајнерите на првата вечер со избрани зборови говореа за локацијата на фестивалот, како и за приликата да настапат пред бројната публика, бидејќи овие настапи се едни од ретките кои тие ги имаат годинава. Повеќе од 6.000 луѓе од околу 30 земји на светот го дочекаа изгрејсонцето на главната бина на „Си Денс“, сместена на половина метар од морето, а вистинското лудило се очекува вечерва кога на Буљарица пристигнува едно од најголемите техно имиња на денешницата Масео Плекс, придружуван од регионалните музички трендсетери – Тијана Т, Војко В, Фокс и Сурреал! Како што беше и најавено, влезот на фестивалот се спроведуваше според пропишаните мерки и со контрола на потребните Ковид документи која ригорозно беше спроведена со цел фестивалскиот простор да биде целосно безбедна зона. И покрај подолгиот процес за организација на влезот, што за некои значеше и брзо антигенско тестирање, на влезот во ниту еден момент не беше забележано чекање, ниту гужви.

Потпретседателот на Владата на Црна Гора Дритан Абазовиќ, кој го посети отворањето на фестивалот, изјави дека „Си Денс“ го гледа како „круна на успешната туристичка сезона“.

Ова е настан кој ја буди и афирмира космополитската свест, мислам дека во публиката ќе бидат присутни повеќе од 40 националности. Се радуваме на ваквите настани и се надеваме дека вакви содржини во Црна Гора ќе има сѐ повеќе. Организаторите сторија сѐ за да се испочитуваат сите епидемиолошки мерки, изјави Абазовиќ.

Основачот и директор на „Егзит“ и „Си Денс“ Душан Ковачевиќ истакна дека тие покажаа дека дури и во пандемиски услови фестивалите може да се одржат, ако епидемиолошките мерки се спроведуваат ригорозно.

Со ’Егзит’ ја срушивме стигмата дека големите манифестации се противници на јавното здравје. Овогодишниот фестивал е прилагоден на пандемиската година, но истовремено сме исклучително задоволни од интересот на странските државјани и туристи. ’Си Денс’ фестивал, како и ’ЕГЗИТ’ во Србија, ја покрена кампањата за вакцинација, која е многу важна општествена активност бидејќи кај младите постои најголемата недоверба кон вакцинирањето“,  додаде Ковачевиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.