Ракопис на ѕвездата на филмот „Карате кид“, Пет Морита кој почина 2005 година, каде што тој ја споделува својата животна приказна со свои зборови, е основа за инспиративниот, но според многумина – вознемирувачки документарец со наслов „Повеќе од Мијаги: Приказната за Пет Морита“.

Премиерата на документарниот филм е закажана за денеска.

Во ракописот имаше навистина мрачни работи. Би рекол дека ракописот е нацрт на сè и токму тоа нè возбуди, особено затоа што тој зборуваше за неговите рани години и тоа се нешта што не ги знаете, пред да се појави г-н Мијаги – вели продуцентот на филмот, Оскар Алварез.

Продукцијата е на Нетфликс, во документарецот учествуваат и глумците од филмот „Карате Кид“ од 1984 година, Ралф Маџио и Вилијам Забка, како и Хенри Винклер, Марион Рос, Томи Чонг, Лери Милер, Есаи Моралес и други кои соработуваа со Морита, човекот познат како „г-н Мијаги“.

Јапонско-американскиот глумец е роден 1932, во Ајлтон, Калифорнија САД. На две години му била дијагностицирана ‘рбетна туберкулоза и тој минал девет години в болница. Со експериментална операција, тој проодел, но токму тој период, 1941 година, се случил јапонскиот напад на „Перл харбор“, којшто дополнително му го усложнил и загорчил животот и тој за малку ќе бил протеран од Америка.

Единствената номинација за Оскар, Пет Морита ја заработи 1985 година за неговата најпозната улога. Во 1994 година глумецот доби и своја ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.