Македонскиот кандидат за Оскар за 2022 година, филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума вечерва, 16 декември во киното „Милениум“ ќе ја има својата скопска премиера. „Заради ковид протоколите, премиерата ќе се одржи во два термина од 19 и 21 часот, а скопската публика филмот ќе може да го погледне веќе од 17 декември во вечерниот термин од 20 часот, како дел од редовниот репертор на киното ‘Милениум’“, потврдија за весникот ВЕЧЕР од Младинскиот културен центар.

Деведесет минутната драма на „Лист продукција“, а која е копродукција меѓу Македонија, Косово и Црна Гора ја прикажува приказната за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Дејството се движи околу неразделните другарки Маја и Јана, но Јана е таа која води, а Маја таа која секогаш ја следи. Една ноќ на забава, Маја и Јана ја снимаат најпопуларната девојка во училиштето Елена во интимен однос со симпатијата на Маја. Тогаш Јана ја убедува Маја да го објави видеото онлајн, тоа набрзо станува вирално и животот на Елена е уништен. Во жестока конфронтација помеѓу трите девојки, Елена исчезнува. Маја сака да пријави во полиција, но Јана не ѝ дозволува. Маја се бори да најде храброст и да излезе од токсичното пријателство со Јана и тајната што се заканува да ѝ го уништи животот…

Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.