Меѓу подржаните проекти на продукциската платформа „Агора“ на South Eastern Europe Film Network кои беа обзнанети на 64. Филмски фестивал во Солун е и дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“ на Марија Апчевска Петровска, во продукција на „Кинооко“. Копродуценти на филмот се од Србија и Словенија.

Солунската „Агора“ на South Eastern Europe Film Network годинава селектираше 14 филмски проекти во развој, а беа поддржани седум од нив. Оваа мрежа подржува филмски проекти на автори од Југоисточна Европа веќе 21 година.

„Пролетно чистење“ на Марија Апчевска годинава доби финансиска поддршка за развој и од „Креативна Европа Медиа“, програма наменета за европската аудиовизуелна индустрија што им овозможува поддршка на европските филмски работници за развој на нови филмски проекти, наоѓање партнери и обраќање до поширока публика, надвор од националните граници.

Апчевска е авторка на три наградувани краткометражни играни филмови: „Бардо“, „Амби“ и „Северен пол“. Со финансиската поддршка од „Медиа“ се олеснува кофинансирањето на филмовите на помалите продукциски компании, кои најчесто се сретнуваат со тешкотии при прoнаоѓањето нови извори на финансирање. Потпрограмата исто така поддржува развој и дистрибуција, вклучувајќи ги играните и документарните филмови, телевизиските серии и нови медиумски проекти.

Проектот „Пролетно чистење“ е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.