Веста за смртта на некогашниот омилен фраер од серијата „Беверли хилс“, денеска ги потресе обожавателите ширум светот. Ова е неговата животна приказна.

Лук Пери е роден на 11 октомври 1966 година. Неговите родители се развеле кога имал само шест години, па го израснале мајка му и неговиот очув. Со неговиот биолошки татко кој почина од срцев удар во 1980 година никогаш не ги подобри односите.

Очувот ме научи на сите вистински вредности во животот. Стив ми беше како вистински татко, ми беше поддршка во најтешките ситуации и засекогаш ќе му бидам благодарен за тоа, изјави Пери во едно интервју.


Од рано детство се интересирал за актерството, a по матурата сам заминал во Холивуд. Напорно работел, во еден период поправал и чевли, за да може да си ги плати часовите по глума.

Не ме плашеше работата, бев одлучен да станам актер. Се обидов во повеќе професии, а можеби најбизарната беше асфалтирање на патишта. Не траеше тоа долго, но во тие моменти не ми се нудеше ништо друго и морав да прифатам, призна тој во една прилика.

Првата улога ја добил во 1987 година, во ТВ-драмата „Loving“ поради која морал да се пресели во Њујорк, каде една година подоцна ја поминал аудицијата и за сапуницата „Another World“.

Набргу, по тој ангажман ја добил улогата која и ќе му ја одбележа кариерата, во мегапопуларната серија „Беверли Хилс 90210“. Иако на аудицијата се пријавил за улогата која ја играше Јан Зеринг, сепак продуцентите одлучиле дека е совршен за 16-годишното момче Дилан Мекеј, иако во тој момент веќе имал 24 години.

Во екот на популарноста на актерите, креаторот на серијата Арон Спелинг ја разбранува јавноста изјавувајќи дека многу актери од оригиналната постава за време на снимањето на серијата имале сексуални односи, што дополнително придонесе да порасне гледаноста на „Беверли Хилс“.

Лук глумеше во серијата од 1990 до 1995 година, а потоа се повлече со образложение дека сака посериозни улоги. Во тоа време играше во филмовите „Инвазија“ и „Петтиот елемент“. Но, фановите со нетрпение го очекуваа неговото враќање во осмата сезона на „Беверли Хилс“. Иако на почетокот ги одби продуцентите, сепак го прифати предизвикот и остана до последната епизода емитувана 2000 година. Многумина го критикуваа дека се вратил единствено од финансиски причини, ако се земе в предвид дека во тој период немаше на повидок нови ангажмани.

Меѓу многуте обожавателки кои го опседнуваа со писма беше и една продавачка на мебел и манекенка која му пратила и градник на домашна адреса.

Не можам да кажам дали Рејчел Мини Шарп ме освои со тој храбар потег, но со сигурност можам да кажам дека таа беше мојата најголема обожавателка. Се запознавме и се вљубивме, а набрзо и се венчавме, призна Пери.

Се одлучија за приватна церемонија која се одржа во 1993 година во кругот на педесетина најблиски роднини и пријатели. Двојката има две деца, синот Џек (21) и ќерката Софи (18). Љубовта траеше десет години, а разводот помина речиси незабележително во медиумите.

Неколку години подоцна, папараците го начекаа Лук на состанок со Рене Зелвегер. Сепак, таа врска не траеше долго. Подоцна имаше гласини дека наводно е во врска со Џени Гарт, колешката од „Беверли Хилс“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.